Разгоропадена помеѓу Националниот парк „Преспа парк“ и Преспанското езеро општина Пустец  е најмала општина во Албанија со 5300 жители населена со етнички Македонци. Можеби не живеат во материјално изобилие ама горди се на својот чесен и достоинствен живот. А за живот не им треба многу. Само сакаат да имаат исти услови за развој како и сите други. И уште нешто. Нивната Македонија да не ги заборави.

Без вера нема живот, без живот ќе нема Македонци во Албанија

Во деветте села во општина Пустец има по една голема црква, а некаде ги има и по две. Македонците од Мала Преспа особена почит ѝ оддаваат на Св. Марина по која е крстен и манастирот во селото Туминец, чие име го слават на 30 јули.

„За нас Македонците во Мала Преспа овој празник има дополнително значење затоа што овој ден, традиционално, го славиме заедно. Каде и да сме иселени на 30 јули сите се враќаме, овде, дома за овој празник“, едногласно ни раскажаа Македонците во Пустец.

Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на брегот од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на оваа светица. Мештаните веруваат дека токму над нејзините мошти сè уште се случуваат чуда.

јккј

Фото: МИА

Македонците од Мала Преспа се горди и на црквата Рожденство на  Пресвета Богородица која датира од 13 век и која е најпосетена црква во Пустец особено од туристите. Станува збор за православна пештерска црква на островот Мал Град на Преспанското Езеро. Црквата е прогласена за споменик на културата на Албанија.

Парохискиот свештеник во црквата „Св. Архангел Михаил“, Алексо Темелко вели дека Македонците во Албанија ги имаат наследено правата и чистата православна вера со сета своја традиција и обреди според православниот календар.

„Верата сме ја проповедале отсекогаш. Уште од нашите прадедовци се практикува онака како што тие мислеле и чувствувале. Дури и за време на поранешниот систем, во ерата на владењето на Енвер Хоџа. Тогаш верата се проповедаше тајно. Вапцувавме јајца, одевме во посета на светилиштата кои тогаш беа запустени. И иако нашата црква „Св. Архангел Михаил“ припаѓа под јурисдикција на Албанската православна црква ние секогаш сме биле нераскинлив дел од Македонската православна црква“, вели отец Темелко.

кк

Отец Темелко раскажува дека од 2000 година наваму прават напори македонските цркви во Албанија да се возобноват.

„Годините наназад благодарение и на македонската држава и на МПЦ но и на разни други донатори имаме можност да ги возобновиме нашите цркви. Овде во Пустец, црквата Св. Архангел Михаил ја возобновивме благодарение на нашиот донатор Ристо Гуштеров“, вели отец Темелко.

Културниот идентитет е движечката сила на Македонците

Владо Стојановски е историчар кој речи си целиот свој живот го посветил на младите како професор по историја и географија во општина Пустец. Сега е вработен во општината како советник во секторот за култура и туризам.

„Ние сме Македонци и албанската држава нѐ препознава како Македонци. Македонската култура ја практикуваме тука но добиваме и покани од странство. Овде во Пустец работи културно-уметничкото друштво „Стерјо Спасе“ крстено според најпознатиот македонски писател и еден од најпознатите писатели во Албанија, воопшто. Имаме проблем со обезбедувањето на соодветна опрема и носии за нашите играорци и тоа не спречува за да можеме повеќе да се развиеме. Сепак, благодарение на наши Македонци успеваме да се снајдеме. Така најновите носии за нашите играорци ни се подарок од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

кк

Но тоа не е единствената и најголема болка за опстојувањето на Македоцните во Пустец. Стојановски е загрижен за зачувувањето на македонската култура, затоа што, како што вели ги нема младите луѓе.

„Она што ни претставува проблем за практикување на македонската култура е тоа што немаме млади луѓе. Тие се иселуваат, ги има сѐ помалку. Во целата општина имаме 141 ученик почнувајќи од градинка па сѐ до средно образование“, со болка во душата раскажува Стојановски.

Но ниту тој ниту било кој друг Македонец кој го сретнавме во Пустец не држи во себе лутина или гнев кон никого. Сепак преку гласот на Стојановски предупредуваат на најголемата опасност за еден народ, асимилацијата.

„Ние веруваме дека и во Македонија има многу проблеми за решавање и веруваме дека можеби македонската држава и не може многу ни помогне но никако не смее да нѐ заборави. Затоа што ако нѐ заборави нашата Македонија тогаш некој друг сигурно ќе ни се приближи“, со очи полни надеж ни ја пренесува најважната порака на Македонците во Пустец, професорот Стојановски.

Јазикот наш насушен не смее да се заборави

Јас како професор секогаш велам дека старите не смеат да го заборават, а младите мора да го научат мајчиниот, македонски  јазик, дециден е професорот Стојановски.

Токму затоа Македонците од Мала Преспа ја користат секоја можност да учат и комуницираат на мајчиниот, македонски јазик.

Она што за нив е особено важно е што во деветте села во општина Пустец наставата до средното образование се одвива на македонски јазик.

„Албанската држава за разлика од други држави е помодерна во смисла на малцинските права. Таа нас нѐ препознава како македонско малцинство во Албанија. Дури и во поранешниот систем на Енвер Хоџа бевме препознаени. Имаше тогаш помалку тортура ама не во смисла да нѐ асимилираат“, сведочи Стојановски за минатото и денес.

За таа цел беше и завчерашната работна посета на македонскиот претседател Стево Пендаровски на Македонците од Мала Преспа.

Македонските деца во Албанија треба да го зборуваат македонскиот јазик за да бидат во постојан контакт со татковината, порача Пендаровски од Пустец.

„Го посетив училиште „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колефски“ за да дадам прилог, да донесам одредена количина книги на македонски јазик од нашите класици Блаже Конески, Петре. М Андреевски, Живко Чинго, и други. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

кк

Ниту црквата во Албанија не е исклучок.

„Богослужбите ги држиме на наш македонски јазик по нашиот јулијански календар“, гордо раскажува отец Темелко.

И Европската Унија дава придонес за Македонците во Албанија

Во името на заштитата на националните малцинства во европа, Европската Унија активно придонесува за заштита на македонското национално малцинство во албанија преку финансирање на различни проекти.

Во октомври минатата година општина Пустец потпиша договор меѓу четворица партнери за почеток на проектот „Smart4You2“, што е поддржан од ИПА2 програмата.  Партнери во овој прокет се уште и општина Битола и музејскиот центар од овој град, како и Регионалната дирекција за културно наследство од Корча.

„Проектот опфаќа рехабилитација на патеката до црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец, санација на плоштадот во центарот на селото Глобочани, како и поврзувачкиот пат со музејската куќа на нашиот познат писател Стерјо Спасе. Проектот има за цел да ја зголеми туристичката понуда на Мала Преспа. Активно работиме на промоција на туризмот. Во 2022 година општина Пустец ја посетија 71.000 туристи. Од нив 10.000 беа странци. Доаѓаат многу туристи и од Македонија, а понекогаш има и од Србија. Туристите се сместуваат во хотелите во поголемите градови но има и луѓе што нудат приватно сместување. Исто така, со помош на европските фондови работиме и на проекти од областа на меѓупограничната соработка.  Активно работиме и на промоција на Националниот парк „Преспа парк“ што се протега во Македонија, Албанија и Грција“, вели Владо Стојановски од секторот за култура и туризам во општина Пустец.

Во декември минатата година регионалната дирекција за национална култура од Корча започна проект за реставрација на црквата „Света Богородица” заедно со Министерството за култура на Албанија и Министерството за култура на Македонија, а во рамките на проектот „Smart4you2″. Овој прекуграничен проект доаѓа како продолжение на проектот „SmartCulTour” со партнерите од Општина Битола, Општина Пустец, музејскиот центар од Битола и Дирекцијата од Корча.

ј

                                                                                                                              

www.mkd.mk/Искра Опетческа