Република  Македонија и Грузија воспоставија дипломатски односи

Денеска, за време на Минхенската безбедносна конференција, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Грузија, Давид Залкалиани го потпишаа Протоколот за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји. Двајцата министри изразија очекување дека овој чин претставува вовед во отворање на ново поглавје во билатералните односи, интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

На средбата беа разменети мислења и за актуелни теми од регионален и глобален интерес. Притоа, министерот Залкалиани упати честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно- политички приоритети.