Реставрирана крстилницата од 4 век во епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби

 

Старата епископска базилика во Стоби, една од најзначајните ранохристијански градби откриени во Република Македонија, ја доби потребната конзервација. На завршна церемонија по повод успешната реализација на проектот, кој во последниве две години се реализираше преку финансиска поддршка од САД, беше истакнато дека ова е трет грант за Стоби, кој се доделува од американскиот фонд за културна заштита.

Соединетите Американски Држави се горди на партнерството со Македонија за презервација и заштита на културното наследство во изминатите 18 години и тоа ќе продолжи и понатаму, со цел зачувување на светската историја. На завршната реализација на проектот присуствиваше и премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека епископската базилика заедно со крстилницата во стариот град Стоби од денеска ќе им бидат презентирани на светот и на стручната јавност во полн сјај.

Епископската базилика заедно со Крстилницата во стариот град Стоби го сочинуваат наголемиот, најзначајниот и највеличенствениот ранохристијански комплекс во Република Македонија. Нивните архитектонски остатоци, мермерните декоративни елементи, мозаичните подови и ѕидната декорација ги следат достигнувањата во архитектурата и уметноста во Источниот Медитеран во доцната антика, обезбедувајќи значајни информации за историскиот и урбан развој на градот. Воедно ја потврдуваат неговата важност како главен град на провинцијата Македонија Секунда и значаен епископски центар. Всушност, станува збор за две Епископски базилики со неколку фази во изградбата и декорирањето: Старата епископска базилика од доцниот 4 век, Големата Епископска базилика, позната и како Базилика на епископот Филип или Базилика на тераса од доцниот 5 век и четирилисната Kрстилница на јужната страна која датира од 5 век.

Соодветната заштита и презентација на овие значајни градби подразбира внимателно планирани активности: финализирање на ископувањата, конзервација и реставрација на архитектонските остатоци, мозаиците, ѕидната декорација, мермерната декорација и поставување на нова заштитна покривна конструкција која ќе обезбеди максимална заштита на сите нејзини елементи. Најпосле, наша обврска, а воедно и награда за сработеното, ќе биде публикување на резултатите од нашата работа, преку раскажаната приказна за овој прекрасен ранохристијански комплекс и значењето на неговата заштита.

Ова е трет амбасадорски грант за заштита на археолошкиот локалитет Стоби и втор од формирањето на Националната установа Стоби. Последните два се наменети за заштита на Епископската базилика. Во 2010 година со помош на амбасадорскиот фонд беа конзервирани најстарите фрески во Старата базилика, додека, пак, амбасадорскиот фонд во 2016 година помага за зачувување и враќање на автентичниот изглед на Крстилницата. Главната цел на проектот е заштита на познатата Крстилница во Епископската базилика во Стоби од 5 век од н.е., особено нејзините три најзначајни декоративни и функционални елементи:

– прекрасниот мозаик на кој се претставени пауни и елени (илустрација на 41-от Псалм на Давид), најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби

– писцината (базенот за крштевање) и

– мермерните архитектонски елементи кои некогаш го држеле балдахинот над писцината.

Раководител на проектот е д-р Силвана Блажевска, а во проектот се вклучени експерти од различни области, конзерватори за мозаик, камен и архитектура, како и археолози и документатори, кои со својата посветеност допринесуваат да се постигне крајната цел, а тоа е зачувување на Крстилницата за идните генерации.