РК Алкалоид нов ракометен проект во Македонија

Првиот човек на Алкалоид и Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов и селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, денеска, го промовираа новиот ракометен проект, Ракометен клуб Алкалоид. РК Алкалоид со натпреварување ќе започне од Првата лига и треба да биде база на млади играчи, кои во следните десеттина години ќе го носат македонскиот дрес.

Овој проект е за доброто на Македонија. Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој проект кадешто главната улога ќе ја носи една реномирана компанија, светски призната, од светски размери – „Алкалоид“. Ќе работиме заедно. Ќе мора да оформиме добра квалитетна база, затоа што е многу важно да се работи со нив. Доста заостануваме со тоа. Ќе се обидеме да изградиме нови македонски спортисти кои заслужено ќе го носат македонскиот национален дрес.

Ќе се обидеме да го пресликаме моделот на Франција и Германија кога се говори за младите ракометари, иако нашата држава е доста помала од нив. Сепак, ќе се обидеме да работиме, за да можеме мирно да спиеме и да кажеме дека нешто сме направиле. Од вакви проекти може да извадиме една добра база. Целта на овој проект е да им обезбедиме на младите играчи квалитетен тренажен процес, стручен кадар, – рече Лазаров. Наскоро, РК Алкалоид ќе го претстави стручниот штаб, а сите активности со клубот ќе се одвиваат во СРЦ „Борис Трајковски“.

Advertisement