Русија: Економистот Белоусов ќе биде наследник на Шојгу

Сергеј Шојгу, руски министер за одбрана од 2012 година е сменет и треба да стане секретар на Советот за национална безбедност. Шојгу го наследува цивилен и економски експерт.

Набргу по почетокот на неговиот петти мандат, рускиот претседател Владимир Путин го смени својот долгогодишен министер за одбрана и близок соработник Сергеј Шојгу. 68-годишниот би требало да стане секретар на Националниот совет за безбедност. Веќе претходно кружеа шпекулации дека Шојгу ќе биде отпуштен. Пред неколку недели, еден од неговите заменици,  Тимур Иванов, беше уапсен под обвинение за корупција.  Аналитичарите ова го протолкуваа како знак за борба за моќ во руската војска.

Шојгу беше министер за одбрана од 2012 година. Во текот на неговиот мандат се случи анектирањето на Крим, спротивно на меѓународното право,  нападот врз источните делови на Украина  и целосната инвазија на соседната земја во 2022 година. Путин не се откажа од Шојгу и покрај  серијата понижувачки неуспеси за руските трупи  на почетокот за агресорската војна, иако имаше одредени јасни критики од војската до министерот. Дури и по  неуспешниот бунт на борците на Вагнер,  предводени од Евгениј Пригожин во јуни 2023 година, Шојгу ја задржа својата функција. Сега 68-годишниот доверлив човек на Путин ќе стане секретар на важниот Совет за безбедност – набљудувачите го толкуваат ова како решение за спасување на образот. На почетокот на новиот мандат на претседателот Путин минатата недела, оставка поднесе целиот кабинет. Дојде до одредени промени, но на многу клучни позиции во владата остануваат исти луѓе. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров останува на функцијата. Актуелниот шеф на ФСБ Александар Бортников и шефот на надворешното разузнавање Сергеј Наришкин, исто така, ќе ги задржат своите функции. Промените направени од Путин треба да бидат одобрени од рускиот парламент во понеделник и вторник, но ова е обична формалност.

Наследник на Шојгу на чело на Министерството за одбрана ќе биде претходниот заменик шеф на владата Андреј Белусов, како што јави државната агенција Тасс, повикувајќи се на извори од Советот на Федерацијата. Таму биле примени предлозите на Путин за составот на новата руска влада. Белоусов долги години беше советник на Путин за економски прашања и во последните години имаше различни позиции во владата. Според Кремљ, Министерството за одбрана треба да биде отворено за иновации и нови идеи. Затоа Путин го избра Белусов. Тој е „несомнено најдобриот кандидат“ за проширување на комплексот на руската одбранбена индустрија и воведување нови технологии, изјавил пратеникот во Думата, Сергеј Гаврилов, цитиран од агенцијата Тас.

Advertisement