Русија ја регистрира и третата вакцина против ковид-19

Министерството за здравство на Русија ја регистрираше и третата вакцина против ковид-19, наречена КовиВак. Оваа вакцина ја произведе Федералниот истражувачки центар за истражување и развој на имунобиолошки препарати „М.П. Чумаков“. Премиерот на Русија Михаил Мишустин изјави дека првите 120 илјади дози ќе бидат пуштени во употреба во првата половина на март и ќе бидат наменети за домашниот пазар. Тој вели дека кампањата за масовна вакцинација со новата вакцина ќе почне на пролет.

Рускиот премиер вели дека во Русија се отворени 4000 центри за вакцинација. Досега се произведени 10 милиони дози од вакцината Спутик Ви и 80 илјади од вакцината ЕпиВак. Мишустин вели дека властите во Русија го контролираат квалитетот на вакцината, а цените ќе бидат оправдани. Тој ги предупреди компаниите кои развиваат вакцини да не бараат голем профит од тоа. Рускиот премиер вели дека новата вакцина е многу ефикасна.

Рускиот центар за истражување „Чумаков“ планира со вакцина да излезе и на меѓународниот пазар. КовиВак е вакцина на база на цел вирус. Во Русија веќе се регистрирани вакцините Спутник Ви на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија на Министерството за здравство и вакцината ЕпиВак на Државниот истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија Вектор.

Светската здравствена организација (СЗО) и Европската агенција за лекови ЕМА, досега не издале дозвола за употреба на Спутник Ви. Дозвола засега има само вакцината на Фајзер/БионТек. Русија во август 2020 објави дека државното здравствено регулаторно тело ја одобрило вакцината, но тој потег не беше одобрен надвор од Русија бидејќи во тој период не беа завршени клучните фази од истражувањето. Вакцината Спутник Ви досега е одобрена во 15 држави, меѓу кои и во Србија, Аргентина, Унгарија и Обединетите Арапски Емирати.

Advertisement