Руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ се искачи на второто место меѓу ваквите препарати според бројот на земјите во коишто ја одобриле, престигнувајќи ја вакцината на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“, објави во петокот вечерта на својот официјален акаунт на Twitter, Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ).
Првото место во светот според бројот на државите кои ја одобриле употребата на вакцината за Covid-19, во моментов го држи препаратот на англо-шведската фармацевтската компанија „AstraZeneca“, којашто е лиценцирана во 49 земји. Следна сега е вакцината „Спутник V“, којашто е одобрена во 45 земји, а трета е вакцината на „Pfizer“ со регистрација во 43 држави. Следи вакцината на американска „Moderna“ која е одобрена во 19 земји, а потоа се трите кинески вакцини – „Sinopharm“ во 18, „Sinovac“ во 16 и „CanSino“’ во четири земји. На осмото место е вакцината на „Johnson&Johnson“ којашто е одобрена од националните регулатори во четири земји.
Во моментов, употребата на „Спутник V“ е одобрена во Русија, Белорусија, Аргентина, Боливија, Србија, Алжир, Палестина, Венецуела, Парагвај, Туркменистан, Унгарија, ОАЕ, Иран, Гвинеја, Тунис, Ерменија, Мексико, Никарагва, Република Српска, Либан, Мјанмар, Пакистан, Монголија, Бахреин, Црна Гора, Свети Винсент и Гренадини, Казахстан, Узбекистан, Габон, Сан Марино, Гана, Сирија, Киргистан, Гвајана, Египет, Хондурас, Гватемала, Молдавија, Словачка, Ангола, Џибути, Република Конго, Шри Ланка, Лаос и Ирак.
Вкупното население од 45-те земји во кои е регистрирана руската вакцината надминува 1,2 милијарди луѓе.
Претходно седмицава Европската агенција за лекови (ЕМА) започна со експертизата и испитувањето на регистрациското досие за вакцината „Спутник V“, односно дали препаратот е усогласен со стандардите на Европската унија за ефикасност и квалитет. Од регулаторот рекоа дека имајќи ја предвид ситуацијата со забавувањето на процесот на имунизација во ЕУ имаат намера процената да ја завршат за кусо време, но точниот датум не го наведоа. Европската комисија, пак, рече дека и доколку ЕМА ја одобри руската вакцина против коронавирусот, тоа не ја обврзува и да започне преговори за нејзина набавка
Сепак Унгарија и Словачка, земји членки на ЕУ без да го очекуваат одобрувањето на ЕМА, на национално ниво ја одобрија употребата на „Спутник V“, а во истата насока се водат процеси и во Хрватска и во Чешка.
Според едно истражување, руската вакцина е една од најбараните во Европа. Истражувањето на Австрискиот институт за менаџмент и економски истражувања (IMWF Austria) покажува дека Австријците имаат поголема доверба во вакцината „Спутник V“ отколку во вакцината на „AstraZeneca“ која е направена на истата платформа. Вакцината се заснова на добро проучена и докажана платформа на човечки аденовирусни вектори, чии важни предности се безбедноста, ефикасноста и отсуството на долгорочни негативни последици.
Конечната рецензија на независни британски научници објавена во стручното референтно спчисние The Lancet по третата фаза од клиничките испитувања на „Спутник V“ потврди дека таа има висока ефикасност и сигурност од 91,6 отсто.
Кирил Димитриев, директор на Рускиот фонд за директни вложувања (РФПИ), кој ја промовира „Спутник V“ во странство, изјави дека довербата во руската вакцина во светот расте, бидејќи таа досега не покажала никави несакани ефекти и не предизвикала алергиски реакции.