Се разжестува конфликтот меѓу Љуљзим Баша и поранешниот партиски лидер Сали Бериша

Се заострува реториката меѓу актуелниот лидер на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша и историскиот лидер Сали Бериша, која преминува во тешки меѓусебни обвинувања, јави дописничката на МИА од Тирана. Нетрпението почна откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбасадорка Јури Ким, поради прогласувањето персона нон грата од страна на САД на целото семејство Бериша.

Тоа резултираше со незадоволство кај Бериша кој почна средби низ целата територија на земјата со членови и симпатизери, а кулминираше деновиве откако за 11 ноември тој најави одржување Национално собрание на партијата и враќање на лидерската функција. Соочен со постојани и засилени напади во последните денови од страна на Бериша, Баша за првпат жестоко му возврати.

„Времето на Сали Бериша заврши. Со него заврши времето на истечени мандати и користењето на Демократската партија (ДП) и нејзините форуми за лични интереси. Ништо и никој нема да ја претвори ДП во бункер за лични интереси на Сали Бериша“, рече Баша.

Тој го обвини Бериша дека му помага на премиерот Еди Рама.

„Најголемиот проблем на Албанците денес е режимот на Еди Рама. Сали Бериша со недели со своите испади се претвори во кислородна цевка за режимот на Еди Рама. Решен сум да го спречам ова и да ја пресечам оваа кислородна цевка за режимот на Еди Рама“, порача Баша. Тој посочи дека Демократската партија се формирала како стремеж на албанскиот народ за слобода и демократија и дека е „надеж на Албанците да ги решат нивните многубројни проблеми“.

Advertisement