Семакедонски собир во чест на легендарниот македонски војвода Јане Сандански во Мелник

На 21 април 2019 година во градот Мелник, Пиринска Македонија се одржа традиционалниот свечен семакедонски собир посветен на 104 годишнината од убиството на „Царот на Пиринот“, легендарниот македонски војвода Јане Сандански. Собирот се организира од следните македонски организации во Бугарија: партијата ОМО „Илинден“-Пирин, весник „Народна волја“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, билтен „Македонски глас“, Македонски клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет толерантност и други, а основни коорганизатори од дијаспората се Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и Австралиско-македонскиот комитет за човекови права.

Дојдоа луѓе од цела Пиринска Македонија, од Бугарија и наспроти изборите во татковината Македонија дојдоа гости од Прилеп, Штип, Радовиш и др. Поздравни телеграми до собирот испратија „Виножито“, Македонската алијанса за европска интеграција – Албанија, Здруженијата на македонците од егејскиот дел на Македонија, Светскиот македонски конгрес. 

Соборит беше отворен со рецитал од Бојан Бибишков и со изведување химната на ОМО „Илинден“ – Пирин „Народе македонски“. Говор за животот, делото и заветите на Јане Сандански одржа Димитар Иванов од Централниот совет на ОМО „Илинден“-Пирин, кој изјави дека со своето собирање во чест на Јане Македонците денес пак им удираат гласна шлаканица на сите свои негатори. Со поставување венци и цвеќиња пред споменикот на Јане Сандански во Мелник, едноминутен молк и паѓање на колена беше почестен споменот на војводата. Подоцна специјална делегација од раководството на ОМО „Илинден“-ПИРИ поднесе венец и на гробот на војводата кај Роженскиот манастир.

За гостите пееше македонската пејачка Марија Димкова от Штип, мешана фолклорна група „Пирински глас“ од Разлог и оркестар „Македонија“ од село Мусомишта Гоцеделчевско со раководител Георги Попов. Орото го поведе со бајракот со шеснаесет кракото сонце првиот претседат на ОМО „Илинден“ Стојан Георгиев, страдалец за македонските правдини, кој 8 години од својот живот ги поминал низ бугарските затвори. На ливадите крај споменикот на Сандански ората се виеја со часови.

Advertisement