Северна Кореја истрела нова ракета, Токио во паника (ВИДЕО)

 

Паника во Јапонија откако Северна Кореја истрела ракета која прелета над територијата на земјата, поточно над северниот остров Хокаидо. 14 минути по лансирањето, проектилот се распаднал на три дела и паднал во Јапонско Море. За ова ќе расправа Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Северна Кореја истрела уште една ракета која ја прелетала територијата на Јапонија и се распаднала на три дела. Генералштабот на Јужнокорејската армија соопшти дека ракетата летала 2.700 километри, на максимална височина од 5,5 километри и го прелетала островот Хокаидо.

„Ројтерс“ јавува дека проектилот паднал во водите кај островот Хокаидо. Јапонската влада не се обидела да ја собори ракетата. Последното лансирање е прво кое е изведено од Сунан, каде што се наоѓа меѓународниот аеродром Пјонгјанг. Тоа укажува на можноста проектилот да бил истрелан од подвижен лансер.

Веста за лансирањето ја објавија јапонските власти и ги предупредија граѓаните на опасност. Веднаш бил активиран системот за итно известување на јавноста во вонредни ситуации.

„Планирав да летам денеска, па малку се загрижив. Ме изненади гласниот звук на системот за итно предупредување.“ „Дури и да ми кажеа да се евакуирам, немаше да знам каде да одам. Навистина сум збунета и по малку загубена“- велат жителите.

„Вашингтон Пост“ потсетува дека последен пат севернокорејски проектил минал низ јапонски воздушен простор во 1998 година, но овој пат се случува во момент кога владее голема напнатост меѓу двете држави во целиот регион поради нуклеарните активности на режимот на Ким Јонг Ун. Северна Кореја оваа година изведе 13 пробни лансирања на ракети и се проценува дека до 2021 година Пјонгјанг би можел да има атомски проектили.

Во меѓувреме Јужна Кореја објави воена вежба со авионско бомбардирање, а премиерот Шинзо Абе изјави дека ќе стори се што е во негова моќ да го заштити јапонскиот народ. Телефонски разговарал со американскиот претседател Трамп при што се договориле да се изврши поголем притисок врз Северна Кореја.

Амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Ја Сонг Нам порача дека САД треба да очекуваат „катастрофални последици“, доколку продолжат со острата реторика. Тој оцени дека Северна Кореја има право да ги тестира своите ракети. Генералниот секретар на јапонската влада, Јошиде Суга изјави дека последното лансирање од страна на Пјонгјанг е закана на која Ттокио остро ќе одговори.

„Најновото ракетно лансирање од страна на Северна Кореја претставува огромна закана без преседан за јапонската безбедност. Исто така е закана и за мирот на азиско-пацифичкиот регион“, изјави Јошиде Суга, генерален секретар на Владата на Јапонија.

Шефот на меѓународниот комитет на советот на Руската Федерација, Константин Косачов смета дека најновииот ракетен тест на Северна Кореја не е блеф и дека неодамна усвоената резолуција на Советот за безбедност на ОН која се однесува на ракетната програма на Северна Кореја не ја постигнала својата цел.