Шести Меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинијан I“

Во организација на Универзитетот „Евро-Балкан“- Скопје, Институтот за национална историја – Скопје и Универзитетот во Болоња, денеска во Охрид свечено ќе биде отворен 6. Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан I“. Симпозиумот ќе се одржи во црквата св. Софија со поддршка од општините Охрид и Ресен, од Македонската Православна црква – Охридска архиепископија, како и од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

На свеченото отварање обраќање ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на меѓународниот организациски и научен комитет, претставници на градот Охрид и градот Ресен, проф. Џузепе Маино, ко-организатор на Меѓународниот симпозиум, како и проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, член на организацискиот комитет.

Меѓународниот научен симпозиум  „Денови на Јустиниан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.

Овогодинешната специјална тематска целина Држава и Империја  е инспирирана од 1000-годишнината од падот на Самуиловата држава и милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија. Асоцијацијата на градот Охрид со Самуиловата држава и Охридската архиепископија ја предодреди одлуката за организирањето на шестото издание на Деновите на Јустинијан I во градот на УНЕСКО. Охрид обезбедува дополнителен симболизам со византискиот император, со оглед на фактот што Јустинијан I и неговата архиепископија Јустинијана Прима се инкорпорирани во традициите на Охридската Архиепископија и на Македонската Православна Црква. На тој начин, покрај научниот линк на релација Скопје-Болоња-Равена, „Деновите на Јустинијан I” годинава ги поврзуваат и градовите Охрид и Ресен, што најдобро ја рефлектира клучната цел за интегрирање на Европското културно и историско наследство, како и на истражувачите ширум светот.

Во шесте работни сесии кои ќе се реализираат во текот на двата работни дена во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и општинската сала во Ресен, свои реферати ќе имаат 40-на еминентни професори и научници од Македонија, Италија, Русија, Турција, Србија, Албанија, Унгарија, Романија, Шпанија, Полска. Тие ќе ги претстават најновите сознанија од областа на византолошките и средновековните студии, како и рецепцијата во современието. Ваквиот сеопфатен и богат тематско-содржински концепт на рефератите, меѓу другото, ќе ја претстави Република Македонија како интегрален дел од византиските и европските културни и историски традиции, наведуваат организаторите.

Advertisement