Швајцарски научници: Регионот на Охридското езеро е колевка на земјоделството во Европа

Населбите во непосредна близина и наколните живеалишта на самото Охридско Езеро се нераскинлив дел од процесот на развој на земјоделството во Европа. Луѓето кои живееле на тој простор се занимавале со фармерство и одгледувале житни култури уште пред осум илјади години, така што овој дел од Балканот претставува колевка на современото одгледување растенија за прехрана, односно оттука се бележат почетоците на развојот на земјоделството на европскиот континент.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето што изминатите години беше спроведено на неколку локации на остатоците од праисториските населби на Охридското Езеро, преку проектот финансиран од Владата на Швајцарија спроведен во соработка со Универзитетот во Берн.

Професорот Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн денеска презентираше дел од резултатите од истражувњата. На Охридското Езеро има населби од бронзеното време, а дендрохронолошките испитувања на примероци од колци, остатоци од населбите во езерото покажаа дека нивната старост се движи од периодот меѓу 1.400 и 4.500 години пред новата ера, што е доказ дека тука организирано во населби се живеело и пред бронзеното време. Истовремено на локацијата кај Заливот на коските кај Градиште се пронајдени најмалку 12 различни живеалишта, што е потврда дека луѓето тука нашле погодно место за живеење, уште повеќе, погодна почва за одледување растителни култури, рече професорот Хафнер.

Тој појасни дека токму во овој дел на Европа, земјоделството го бележи процесот на адаптација на житните култури од оние видови карактеристични за суви и топли краишта како Анадолија и Блискиот Исток кон култури карактеристични за земјоделство во поумерена клима и повлажна почва.

Гоце Наумов од Центарот за истражување на праисторијата при Музејот на Македонија што е дел од проектот, изрази задоволство од спроведените истражувања истакнувајќи дека голем дел од резултатите  од испитувањата дополнително ќе се објавуваат.

Тековната работа на терен ни покажа нешто сосема ново, нешто што и ние не го очекувавме, податоци што ја поместија хронологијата на локалитетот. Дознавме нови работи за материјалната култура, особено разбирањата за предисториските луѓе, начинот на кој живееле луѓето во овие наколни живеалишта, а беа долго време непознати за нас. Преку ваков голем проект афирмираме нови методи во архелологијата, како што е дендрохронологијата, археоботаниката, други биолошки науки, методи што секако ќе придонесат за осознавање за начинот на кој живееле луѓето тука, но и за средината во која опстојувале, рече Наумов нагласувајќи дека истражувањата ќе продолжат уште неколку години, така што дефинитивно следните години ќе бидат објавени уште попрецизни резултати. Научници од Универзитетот од Берн, заедно со нивни колеги од Македонија, Германија, Украина, Швајцарија учествуваа во истражувањата спроведени изминатите две години на локацијата Миќов град односно во Заливот на коските на Охридското Езеро.

Advertisement