
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова имаше воведно обраќање на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (SEEMF), што вчера се одржа во Скопје, на тема „Поблиски во регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникациите и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“.
Најпрво, таа и оддаде признание на новинарската професија и фела како на почитувана и храбра, спремна да ги брани етичките принципи и вредности дури и цена на слободата и животот.
За неа, новинарите не се обични хроничари на времето, туку личности здружени во цврст човечки столб на демократскиот поредок и незаменливи креатори на res publica.
Потсетувајќи дека политиката, по природа е дијалог, а не монолог, потенцираше дека медиумите не се само медијатори меѓу власта и граѓаните, туку активни учесници во обликувањето на јавната свест, градењето политичка перцепција и овозможувањето дисперзија на општествената моќ.
Според неа, слободниот печат е важен демократски фактор и лакмус, овозможувајќи информирано граѓанство, критичка јавност и постојана контрола врз носителите на власта.
Таа нагласи дека новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на власта, ниту нејзин однапред утврден противник, туку независен чувар на јавниот интерес.
Осврнувајќи се на дигиталната трансформација, видеократијата и вештачката интелигенција, Сиљановска-Давкова предупреди дека поголемата достапност на информациите не значи и поголема доверба во нив.
Повикувајќи се на истражувањето на Институтот Ројтерс за 2026 година, според коешто довербата во вестите изнесува 37 проценти, таа го посочи парадоксот на современото општество: никогаш немало повеќе информации, но и пониска доверба во нив.
Таа ја истакна важноста на човечкиот лик и димензија на новинарската професија, укажувајќи дека медиумската слобода не подразбира само слобода на изразување, туку и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност на новинарите.
Претседателката потсети дека брзината е технолошка предност, но точноста останува професионална новинарска обврска, оти новинарите се ем сведоци, ем толкувачи и чувари на јавната меморија, а општеството што не ја чува вистината за своето време, ризикува да ја изгуби способноста да ја обликува иднината.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden