Симпозиум на германската драма во Македонија

 

Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска Филмска Театарска и Танцова Академија Скопје – Париз – Есен – Ротердам, во знакот на одбележувањето на десетгодишнината од своето постоење, започна со реализација на мега-проектот „Европската драма и театар во Република Македонија“.

Проектот ќе се одвива од оваа учебна година и ќе трае до 2030 година.  На овој научно-истражувачки проект работи меѓународна група универзитетски професори и истакнати театролози, новинари, критичари и историчари на театарот, и има за цел да даде конкретен придонес за натамошното зближување на нашата култура со европските духовни вредности.

Во рамките на проектот „Европската драма и театар во Република Македонија“, сукцесивно, секоја година, ќе бидат претставувани, преку повеќе содржини и активности, по две европски земји, од кои една од регионот на Балканот и тоа секогаш во различни општини, на тој начин афирмирајќи ги и културните и духовните вредности, како и културното наследство на различни региони од Република Македонија.

Имајќи ја во предвид богатата културна и пред се театарска традиција на Куманово, град со професионален театар и престижен театарски фестивал, на 31 март, и 1 и 2 април 2017, ќе биде претставена првата земја од Европа – Сојузна Република Германија преку проектот Германската драма во Република Македонија.

Церемонијата на свеченото отворање ќе биде на 31 март во Занатски дом – Куманово во 19:00 часот, со Изложбата на фотографии на најиграните германски автори во Македонија (Бихнер, Гете, Шилер, Ман, Ниче, Милер, Брехт).

Со поздравни говори ќе се обратат: д-р Кристине Д. Алтхаузер, Амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Зоран Дамјановски градоначaлник на Куманово, Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, и специјалниот гостин, професорот Брајан Мајклс од Универзитетот Фолкванг од Есен, Германија. Ќе бидат презентирани двете антологии на германската драма во Македонија, приредени специјално за симпозиумот,  а студентите на актерска игра од класата на професорот Мето Јовановски, ќе изведат перформанс инспириран од германски автори.

 

Advertisement