СМК: Изборниот законик и ДИК го лимитираат избирачкото право на Македонците надвор од Македонија

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) го отфрла “толкувањето“ на Државната изборна комисија дека “на престојните парламентарни избори дијаспората ќе гласа доколку за тоа се пријават најмалку 6.700 избирачи“ како “законски минимум од претходните избори што го освоил пратеникот кој добил мандат со најмал број гласови во Република Македонија, односно тоа да биде услов да може да се организираат наредни избори во дијаспората“, притоа “средствата за оваа намена да се потрошат само доколку се исполни условот да се организира гласањето во дијаспората.“

СМК потсетува дека секој македонски државјанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право, кое е уставно загарантирано и еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, освен за лицата на кои им е одземена деловната способност!

СМК укажува дека државата е должна секому да создаде еднакви услови за остварување на избирачкото право, независно од местото на живеење во Република Македонија или надвор од неа!

СМК повторно протестира за нееднаквите услови за остварување на избирачкото право за македонските државјани надвор од Република Македонија со условите за избирачите во Република Македонија и бара бришење на цензусот за валидност на изборите за македонските државјани надвор од Република Македонија во седмата изборна единица, како што не постои ниту за избирачите во Република Македонија, односно да се избришат ставовите (3), (4), (5) и (6) од членот 4 на Изборниот законик!

СМК бара да прекине праксата македонските државјани надвор од Републиката за секои претседателски и парламентарни избори повторно да се пријавуваат за упис во посебниот избирачки список за седмата изборна единица! Еднаш запишан во посебниот избирачки список за седмата изборна единица мора да остане за сите парламентарни и претседателски избори, се’ додека не се поднесе пријава за промена на изборната единица во избирачкото место според последното место на живеење во Република Македонија!

СМК бара Државната изборна комисија да организира електронско гласање за македонските државјани надвор од Република Македонија, имајќи предвид дека гласачките места во дипломатско-конзуларните претставништва се оддалечени повеќе од 3 односно 5 километри од најоддалечената адреса, најчесто со стотици и илјадници километри што го прави невозможно остварувањето на избирачкото право! Поради ова, СМК бара поништување на ставот (2) од членот 166 на Изборниот законик. Електронското гласање за македонските државјани надвор од Република Македонија ќе ги анулира патните и дневните трошоци за гласачките одбори и гласачките места во дипломатско-конзуларните претставништва!

СМК бара Владата и Собранието итно да ги извршат потребните изменувања на Изборниот законик заради создавање еднакви услови за остварување на избирачкото право на македонските државјани надвор од Република Македонија и избирачите во Република Македонија!

СМК протестира бидејќи овие аномалии за македонските државјани надвор од Република Македонија се повторуваат на секои парламентарни и претседателски избори!