СМК упатува апел за масовно гласање за Васил Стерјовски за пратеник во Собранието на Албанија на изборите на 25 април

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упатува апел до сите Македонци со албанско државјанство на изборите за пратеници во Собранието на Република Албанија кои се одржуваат на 25 април 2021 година, масовно да гласаат за Васил Стерјовски за пратеник – да го заокружат бројот 12!

Васил Стерјовски е кандидат за пратеник во Собранието на Република Албанија од единствената македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција, во каолиција со Социјалистичката партија на Албанија.

Васил Стерјовски функцијата пратеник во Собранието на Република Албанија ја извршува од 16 мај 2019 година. На седница на Собранието на Република Албанија нему и на 11 други пратеници, 8 од редовите на опозицијата и 4 други од мнозинството им беше верификуван мандатот. Со тоа Васил Стерјовски стана првиот пратеник во Собранието на Република Албанија, кој доаѓа од македонска партија, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира за Македонец.

Васил Стерјовски е член на Комисијата за надворешни работи на Собранието на Република Албанија.

Неговите настапи во Собранието беа извонредни, ги анимира сите прашања од животот и работата на Македонската заедница во Албанија на целата нејзина територија, ги стекна симпатиите на припадниците на сите малцински етнички заедници, бидејќи говори едноставно за нивните секојдневни проблеми и ги поттикнува решенијата за нив во сите институции на власта.

На последните парламентарни избори во Албанија одржани во јуни 2017 година Македонската партија беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција, чиј лидер е актуелниот претседател на Албанија, Илир Мета. Врз основа на договорот, Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.

Васил Стерјовски е роден во Корча на 17 мај 1982 година. Стерјовски дипломира историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија. Постдипломски студии заврши на Институтот за национална историја при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје, Македонија. А, во моментов ги следи докторските студии на Институтот за национална историја при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје, Македонија.

Во периодот 2007-2010 година Васил Стерјовски беше заменик-градоначалник на општина Пустец. Во текот на 2010-2017 година беше директор на Јавното претпријатие “Регионален водовод – Корча“, а од 2017 до 2019 година директор на Јавното претпријатие “Водовод и канализација Пустец“.

Во мандатниот период 2015-2019 година Васил Стерјовски беше избран за советник во Советот на општината Пустец и советник во Советот на Округот Корча. На последните локални избори одржани на 30 јуни 2019 година, Васил Стерјовски повторно беше избран за советник во Советот на општина Пустец.

Од 2007 до 2013 година Васил Стерјовски беше претседател на Унијата на млади сили на партијата Македонска алијанса за европска интеграција. Од 2013 до 2019 година ја извршуваше функцијата генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, а од септември 2019 година избран е за претседател на единствената македонска партија во Албанија.

Васил Стерјовски во три мандати беше претседател на Студентското друштво на Македонците од Албанија, како и претседател на Студентското друштво на Македонците од соседните земји на Република Македонија, а член е и потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес.

Оженет е и татко на еден син. Зборува Македонски јазик, Албански јазик и Англиски јазик.

Македонците во Албанија го заслужуваат Васил Стерјовски повторно за пратеник во Собранието на Република Албанија и во наредниот пратенички мандат од 2021 до 2025 година. Затоа, заедно во нови битки за права, просперитет, интеграција и економски развој! Гласајте за Социјалистичката партија број 12! Гласајте за Васил Стерјовски број 12!