Со нова мобилна апликација граѓаните можат да помогнат во истражување на пеликаните во Преспанското Езеро

Фото: Македонско еколошко друштво

Со цел да се зачува биолошкатата разновидност на Преспанското Езеро, Македонското еколошко друштво (МЕД), Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија промовираа мобилна апликација за следење и истражување на пеликаните во ова езеро, кое е распространето низ три соседни држави.

Како што велат од МЕД, „PelicanWatch“ е едноставна мобилна апликација која им овозможува на сите набљудувачи на птици или едноставно љубители на природата, да учествуваат во вистинско научно истражување.

„Преку апликацијата, граѓаните можат да бележат набљудувања на однесувањето на пеликаните при хранење и да им помогнат на научниците подобро да ги разберат предизвиците со кои се соочуваат овие птици. Апликацијата ‘PelicanWatch’ исто така овозможува лесно евидентирање набљудувања на пеликани кои се веќе означени од научниците“, информираа од МЕД.

Пеликаните се едни од најрепрезентативните птици на нашите езера и симболи на нашето природно наследство – особено во регонот на Преспанското Езеро и за нивно следење непречено може да се презема и користи апликацијата „PelicanWatch”, со цел, како што соопштуваат од МЕД, уште веднаш да се помогне во заштитата на пеликаните.

Преспанското Езеро во изминативе години покажува јасни знаци на влошување – тоа сè повеќе го снемува, во мезотрофна состојба е и сè почесто се појавуваат цветања на алги, како и други проблеми кои може да бидат погубни за локалниот екосистем.