Совет за македонски јазик: Во предлогот се испочитувани самостојноста и оригиналноста на јазикот

Точките поврзани со статусот на македонскиот јазик покажуваат дека самостојноста и оригиналноста на македонскиот јазик се испочитувани и дека македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Европската унија, констатира Советот за македонски јазик (СМЈ).

„СМЈ смета дека нашата држава и сите високообразовни и научни установи во овие нови околности треба да се залагаат и да работат врз натамошната афирмација и еманципација на македонскиот јазик во европски и во светски рамки. Ова значи дека како државна политика треба да се залагаме за максимално можно отворање лекторати по македонски јазик на универзитетите во странство и во културните центри при амбасадите на Македонија“, соопшти Советот за македонси јазик.

Во соопштението од Советот е наведено и дека на домашен план многу поголемо внимание и грижа треба да се посветат на создавање и вработување подмладок во научната и образовната област македонски јазик, но и да се обрне особено внимание на негување на јазичниот израз во писмена и во усна форма на сите рамништа во нашата држава и надвор од неа.