„Комитетот на министри забележува дека повеќе од 16 години по првата конечна пресуда во случајот ОМО “Илинден”-Пирин и други групи против Бугарија за здруженија чија цел е да ‘постигнат признавање на македонското малцинство’ и натаму рутински се одбива регистрацијата. До денес, и покрај некои чекори преземени од властите, Агенцијата за регситрација и судовите сѐ уште не дејствуваат во согласност со Конвенцијата. Комитетот бара од властите да ги преземат неопходните мерки за да обезбедат барањата за регистрација да се разгледуваат во согласност со член 11 од Конвенцијата и да ја прошират обврската на Агенцијата да дава инструкции за исправка на досиејата за регистрација“, пишува меѓу другото во извештајот за 2022 на Комитетот на министри на Советот на Европа за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Во извештајот пишува дека Советот на Европа бара од 46-те земји членки да покажат политичка волја и да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур и да ги подобрат своите капацитети за тоа.

„Почитувањето на судските одлуки е од суштинско значење за владеењето на правото. Низ цела Европа Конвенцијата за човекови права ги смени на подобро животите на луѓето, но за да продолжи позитивниот импакт земјите членки на Советот на Европа мора да покажат политичка волја и целосно и доследно да ги спроведат пресудите“, вели генералната секретарка на Советот на Европа (СЕ), Марија Пејчиновиќ Буриќ. Освен Русија и Турција, и Бугарија е на врвот на листата на земји членки на Советот на Европа со најмногу случаи (вкупно 182) на неспроведени пресуди на ЕСЧП.