Спасе Мазенковски (1951-2018) писател, новинар, публицист и голем борец за правата на Македонците во Албанија

Спасе Мазенковски роден на 02.09.1951 година, во село Леска во Мала Преспа, Република Албанија, од татко Коста и мајка Ристана која особено ја почитуваше. Основното образование го заврши во својата родна Леска, за потоа средното образование да го продолжи во градот Либражд. Немајќи финански средства да продолжи да се надоградува со високо обраазование, работејќи Спасе одлучува да запиши на вечерно средно економско училиште во Корча, кое исто така го завршува со одличен успех. По завршувањето на средното економско училиште почнува да работи како економист во задругата во Пустец, работа која ја извршува до рушење на комунистичкиот режим.

По распадот на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа во 1990 година, Спасе како и многу жители на Преспа а и на Албанија, останува без работа. Благодарение на неговите вешти раце и усовршен мајторски занает, градејќи куќи и цркви на територија на Преспа и низ цела Македонија, Спасе успева да го прехрани неговото семејство и да ги школува неговите две деца. Откако на локалните избори во 2007 година, во општина Пустец во Преспа, победи македонската партија, Македонска Алијанса за Европска Интеграција, Спасе почнува да работи во општинската администрација како раководител на секторот за Социјална помош, позиција која ја извршуваше до неговото пензионирање во септември 2016 година.

Во 70-тите години,  во младоста беше претседател на младината во Мала Преспа, каде што пладите од Мала Преспа ги организираше во културни и фолклорни групи кои учествуваа на разни културни манифестации во Албанија, каде што не ретко освојуваа и прва награда на државно ниво. Кога во Албанија доаѓаа странски делегации, Енвер Хоџа ги бараше фолклорните групи од Преспа кои Спасе ги организираше за да ги пречекаат странските делегации. Во контекст на оваа Спасе често знаеше да каже дека Стерјо Спасе ги научи Албанците да пишуваат а македонците од Преспа ги научија да играат народни игри и ора.

Спасе е еден од многуте Македонци во Албанија кои израснаа и животот го посвети на идеалот за Македонија и национално единство. Уште во време на комунистичка диктаторска Албанија, тој не ги криеше своите идеали за слободна и независна Македонија и за унапредување на правата на Македонците во Албанија. Веднаш по рушењето на комунизмот во 1990 година, беше иницијатор, основач и претседател на првата Организација за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа“ основаано во 1991 година. Во 1994 година го основаше и беше уредник на првиот, а до пред неколку години и единствен, весник на македонски јазик во Албанија “Преспа“, основач е и прв член на единствената македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за Европска Интеграција. Учествуваше во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година. Како претседател на друштвото на македонците од Албанија, одржуваше одлични релации со организациите на Мекедонците во Грција и во Бугарија. Во 1995 година беше во посета на Македонците во Канада.

Беше особено горд што на барање на тогашниот претседател на Македонија, Ќиро Глигоров, тој ги организираше македонците од Преспа, така што го искористија нивното право на глас за време на референдумот за независност на Македонија. Како претседател на “Друштво Преспа“, Спасе имаше многубројни средби со целиот државен и политички врв на Македонија, кај кои уживаше особена почит.

Спасе уште во раните детски денови изразил особен интерес за пишаниот збор, така што најголемиот дел од слободното време го поминуваше читајќи разноразна литература. А со текот на времето почнува и самиот да твори, при што најголемата инспирација ја влечеше од родната Леска и преубавата Преспа. Творејќи на македонски и на албански јазик, тој станува член на Друштвото на писатели на Македонија и друштвото на писатели “Новиот свет“ во Албанија. Спасе Мазенковски има објавено неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи на македонски јазик.

Првото негово дело кое го виде светлото на денот е збирката поезија “Преспа моја“ во 1992, потоа следуваат “Разбојна китка”, “Торбулето на татко ми” – 2000 година, “Преспанска убавица” – 2009 година, репортажи анегдоти и хумор “Лабид и Преспана”- 2010 година, во 2016 година ја објави книгата басни “Р’ѓосани бисери” – која му беше особено драга. А меѓу делата за кои особено се гордееше што успеа да ги објави се “Македонскиот народ во Албанија” во 2016 година и во 2017 година на албански јазик книгата “Кратка историја на Македонскиот народ” која треба да послужи како добра подлога за идните генерации да продолжат со промоција и афирмација на македонската култура и историја во албанското општество затоа што практично може да се каже дека во Албанија воопшто и да немало пишано дело за македонската историја.

Спасе Мазенковски ќе остане запаметен како голем македонски патриот, писател, новинар и публицист, кој целиот свој живот го посвети во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Тој ќе остане како патоказ за идните генерации, за тоа како се сака и колку макотрпно се работи за својот народ.

Advertisement