Сребрена палма за „Врба“ на Манчевски во Валенсија

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната Сребрената палма на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35. издание на еден од најголемите европски фестивали синоќа му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

„Врба“ оваа недела освои две награди на два континента – Сребрената палма ја круниса шпанската премиера, а во понеделникот доби награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД каде ја имаше американската премиера. Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија.

Двете награди неделава за „Врба“ се надоврзуваат на големите интернационални успеси изминатиов период: во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон кој ќе се одржи во ноември. Се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина.

Advertisement