Средба на Градоначалниците на Општините Пустец и Преспа

На албанско-грчката граница во атарот на општините Пустец и Преспа, денес се оствари средба на градоначалниците на овие две соседни општини Пали Колефски и Панајотис Пасхалидис.

Двајцата градоначалници констатираа дека во Стратешкиот акционен план за одржлив развој на Преспа усвоен во 2002 година од Албанија, Грција и Македонија кои го делат преспанскиот регион е предвидено отворање на два нови гранични премини, но дури деновиве, после 20 години е започната реализацијата на граничниот премин во реонот на селото Вронтеро, предвидена и во Законот за Националниот парк Преспа.

Градоначалникот Пали Колефски на општина Пустец и градоначалникот Панајотис Пасхалидис на општина Преспа, изразија надеж дека наскоро ќе почне изградбата на потребната инфраструктура за граничниот премин Церје и Вронтеро, нужно за одржлив развој на регионот Преспа.

Градоначалниците Колефски и Панајотис упатија апел до албанската и грчката влада за реализација на договорот и изградба на граничните премини меѓу двете земји со цел обезбедување непречено движење на луѓето од сите три земји кои го делат регионот на Преспанското езеро.

Инаку, општина Преспа е општина и дел од околијата Лерин, формирана со Програмата Каликратис во која се граничи со Македонија и Албанија. Седиштето на општината е во селото Лајмос. Површината на Општината е 504,19 квадратни километри, а врз основа на пописот од 2011 година брои 1.560 жители.

Advertisement