Средба на претседателот Пендаровски со премиерката на Финска, Марин

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими претседателката на Владата на Република Финска, Сана Марин.

Во фокусот на разговорите беа билатералните односи и соработката меѓу двете земји, перспективите на Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, новонастанатите политички и економски текови во Европа, како и апликацијата на Финска за членство во НАТО.

На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави тенденцијата за унапредување на политичките односи со Финска и се заблагодари за нивната доследна и постојана поддршка на европските интеграции на Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот.

Во таа насока беа разменети мислења околу претстојниот Совет на ЕУ и блокадата од Бугарија, при што претседателот посочи дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата.

Во насока на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски ја поздрави апликацијата на Финска за влез во НАТО. Тој посочи дека Македонија е силен поборник на политиката на отворени врати на НАТО и безусловно го поддржуваме членството на Финска во Алијансата, што ќе ја зајакне безбедноста не само во Европа, туку и на НАТО во целина.

На средбата се разговараше и за начините за проширување на билатералната соработка со Финска и справување со геополитичките предизвици.

Advertisement