Старата телефонска централа од Скопје била подарена на Тирана

Во денешната ера на мобилната телефонија егзотично, но и поучно, дејствуваат податоците за првите телефони во Скопје. Таа приказна е толку интересна што треба повторно да потсетиме на неа, бидејќи е речиси комплетно заборавена. Наједноставните индукторски телефонски апарати се користени уште во турскиот период, но и подоцна, по завршувањето на Првата светска војна, кога тие се усовршуваат, односно се заменуваат. Индукторските телефони се со поедноставена мануелна употреба и мини-централа од само 12 волти. Тие во Скопје се користени долго време, а во дваесеттите години на минатиот век е воведен нов ЦБ-систем во телефонската комуникација (кратенка од централна батерија). Овој телефонски апарат немал бројченик, туку функционирал само со кревање на слушалката. Со кревањето на слушалката се јавувала телефонистка, која веднаш ве поврзувала со бројот што го барате. Бидејќи во Скопје тогаш немало многу телефонски корисници, поврзувањето најпрвин било со двоцифрени или трицифрени броеви: 12, 15, 113. Веднаш на линија сте го добивале бројот од корисникот што сте го барале.

Плоштадот во 30-тите години кога е поставена првата јавна телефонска говорница

Веќе кон средината на 30-те години од минатиот век била внесена вистинска револуција во телефонијата во Скопје. Во 1935/1936 година е инсталирана првата автоматска телефонска централа, (АТЦ). Таа била германска, произведена во „Сименс“. Иако била посовремена, во тоа време во Скопје немало многу телефони (капацитет од 400 броја). Нив главно ги користеле побогатите слоеви, луѓето од политиката и трговијата, но и болниците и војската. Со тој период од развитокот на телефонијата во градот е поврзан и еден куриозитет. Дали знаете кога е отворена првата јавна телефонска говорница во Скопје? Првата јавна говорница е отворена точно на 28 ноември 1936 година. Станува збор за две јавни телефонски говорници. Каде биле лоцирани? Првата се наоѓала на плоштадот, пред Стопанскиот дом, односно ресторанот „Метропол“. Втората говорница била во чаршијата, која тогаш особено била прометна. Говорницата била лоцирана точно пред влезот на „Капан-ан“.

Трагајќи по историјата на првите телефони во Скопје, сосема случајно открив еден запис што многу сликовито зборува како некои од скопјаните тогаш го нарекувале телефонот. Самото име „телефон“ не било многу фреквентно, па затоа често доаѓало и до неговото искривување при изговорот и до различни комични ситуации. Имено, еден од ретките сопственици на телефонски апарат во периодот меѓу двете светски војни, поточно во 1935 година, бил Беќир-ефенди, еден од познатите браќа Шабан-паша. Тие биле меѓу најбогатите скопјани, а нивната мелница се наоѓала на реката Вардар, под Калето, кај електродистрибуција. Еден новинар дошол да направи репортажа за мелницата и за браќата, ако сето тоа функционирало во Скопје. Среде разговорот, влегол еден од вработените и му се обратил на газдата со зборовите: „Беќир-ефенди, тилифон“. Со тоа го известил дека итно го бараат на телефонскиот апарат. Беќир-ефенди веднаш слегол во долните простории за да се јави на „тилифон“.

По Втората светска војна, сименсовата автоматска АТЦ, во 1948 година, била заменета со унгарската „ротари“ како понова и посовршена. Според некои податоци, старата централа ѝ била подарена на Тирана, Албанија. Новата автоматска централа овозможувала на почетокот од 3.000 до 4.000 приклучоци, а бројката постојано се зголемувала. Во скопскиот земјотрес таа е оштетена, а веќе во 1964 година е заменета со автоматската централа „Искра“ од Крањ. Томе Николовски, некогашен управник на телефонската мрежа и централа во Скопје, своевремено ми раскажуваше за пресвртните мигови во телефонијата во градот. Во тие години по земјотресот се отворени можности за нови приклучоци, со што се остварија дамнешните желби на многумина жители да дојдат до телефонска линија. Со отворањето на новата пошта, направена е и децентрализација, со што повеќето населби или делови од Скопје ги користат услугите од автоматски централи (Ѓорче Петров, Маџари, Чаир) што работат како една. Николовски велеше дека и во меѓународните линии се следени истите современи трансформации во телефонијата. Подоцна, електронските централи и компјутерските системи доведуваат до најсовремените телекомуникациски трендови и фаќање чекор со светот.

Многумина скопјани се сеќаваат на времето по земјотресот и првите вселувања новите населби, веќе во почетокот на 1964 година. Треба да се каже дека пред земјотресот малкумина имаа телефонски апарати и приклучоци, а првпат добија телефони токму во тие нови населби. И тие се сметаат за први телефони. Телефоните станаа хит (и насушна потреба), иако во еден период сето тоа беше по изгор цени, на кои се сеќаваме и денес. Не треба да заборавиме дека телефонијата е дел од општата историја на поштите во Скопје и во Македонија. Тоа е традиција што е многу богата. Таа особено се интензивира со поштенските кочии уште од Наполеоновото време, кога тие крстосуваат низ Скопје во почетокот на 19 век. Првата пошта и телеграфана во Скопје е отворена во 1899 година, но, според многуте патописци, некои од поштенските услуги функционирале и порано, во високите државни установи на администрацијата, во седиштето на скопскиот валија или во општинската управа./Данило Коцевски/www.novamakedonija.com.mk

Advertisement