
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во Пустец оствари средба со група студенти по историја од Слободниот универзитет во Брисел (Université Libre de Bruxelles), кои престојуваат во Албанија во рамки на својата студиска посета.
Целта на средбата беше студентите директно да се запознаат со историјата, положбата и современите предизвици со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија.
Стерјовски пред студентите го презентираше историскиот контекст на создавањето на албанската држава и развојот на статусот на македонското население во Албанија низ различните историски периоди. Посебен дел од разговорот беше посветен на современата положба на Македонците, остварувањето на нивните права и предизвиците поврзани со зачувувањето на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.

Средбата продолжи со отворена дискусија во која студентите покажаа особен интерес за прашањата поврзани со правата на Македонците во Албанија, нивната политичка и општествена положба, како и механизмите за заштита и унапредување на правата на националните малцинства.
Една од темите на разговорот беше и прашањето за влијанието на Бугарија врз македонската заедница во Албанија. Стерјовски ги изнесе своите ставови за активностите и политиките преку кои, според него, Бугарија го зголемува своето влијание врз Македонците во Албанија, вклучително и преку можностите што ги создава нејзиното членство во Европската Унија. Според Стерјовски, овие активности отвораат сериозни прашања во однос на зачувувањето на македонскиот национален идентитет и спротивставувањето на процесите на асимилација.
Во разговорот било истакнато и значењето на директниот контакт меѓу студентите, истражувачите и претставниците на македонската заедница, особено во услови кога прашањата поврзани со националните малцинства често се разгледуваат од различни историски и политички перспективи.

„Ваквите средби со млади историчари се особено значајни затоа што им овозможуваат директно да се запознаат со историјата, реалноста и современите предизвици на македонската заедница во Албанија, надвор од стереотипите и едностраните толкувања“, истакна Стерјовски.
Средбата во Пустец претставуваше можност за студентите од Брисел одблизу да се запознаат со животот на македонската заедница во Албанија и со прашањата што се од значење за нејзиното зачувување и развој.
Стерјовски им се заблагодари на студентите за интересот и отворената дискусија, оценувајќи дека ваквите академски и непосредни средби придонесуваат за подобро разбирање на историјата и современата положба на Македонците во Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden