Стојмировска в.д. македонски амбасадор во Тирана на посета на муслиманската и бекташката заедница во Албанија

На покана на претседателот на Муслиманската заедница на Албанија, Бујар Спахиу, вршителката на работи во Амбасадата, Радмила Стојмировска, оствари посета на Муслиманската заедница на Албанија со седиште во Тирана, по повод големиот празник Фитер Бајрам.

Потоа, на покана на Дедебабата на Бекташкиот ред, Баба Монди, ја посети Бектешката заедница во Албанија каде им го честиташе празникот Фитер Бајрам на верниците од бекташката заедница.

В.д. Стојмировска ја поздрави оваа иницијатива на поглаварите на верските заедници, со која се приближуваат нивната традиција и култура до дипломатскиот кор во Тирана, потенцирајќи дека суштинското разбирање на религиската разноликост во Албанија претставува важен елемент во работењето на акредитираните дипломати.

Албанското општество со децении негува култура на меѓусебно почитување, каде различните верски заедници – муслимани, православни, католици и бекташи – живеат во дух на толеранција и солидарност. Овој модел на соживот често се посочува како пример во регионот, особено во време кога меѓурелигиското разбирање има суштинско значење за зачувување на мирот.

Во тој дух, Амбасадата упатува честитки по повод Рамазан Бајрам до сите верници, посакувајќи им мир, љубов и благосостојба на сите семејства кои празнуваат.