Свернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун пристигна во Русија (ВИДЕО)

Со блиндиран ултра модерен воз, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун денеска пристигна во Русија, каде ќе ја оствари историската средба со шефот на федерацијата, Владимир Путин. На станицата во Хасан, Ким беше пречекан од неколку руски официјални лица, меѓу кои и министерот за развој, Александар Козлов, а според традицијата на најголемата држава во светот лидерот на Северна Кореја беше пречекан со цвеќе, и со леб и сол.

„Пристигнав во Русија со посебно чувство. Верувам дека посетата ќе биде многу успешна и многу корисна. Особено се радувам за состанокот со претседателот Владимир Путин со кого ќе зборуваме за регулирање на ситуацијата на Корејскиот полуостров.“ – изјави Ким Јонг Ун – лидер на Северна Кореја. Самитот ќе се одржи во Владивосток, каде што Ким допатувал во 17:50 часот по локално време. За него бил организиран свечен пречек со воен оркестар на руската гарда.

Се очекува утре Ким и Путин да разговараат за „нуклеарниот проблем“ на корејскиот полуостров. Двајцата лидери ќе разговараат за неколку клучни прашања, пред се за билатералните односи на двете земји, како и денуклеризацијата и регионалната соработка. Според политичките аналитичари, претстојната средба Ким ќе ја искористи да побара нова поддршка, откако пропадна вториот самит со Доналд Трамп. Тие неодамна се сретнаа во Виетнам, но си заминаа предвреме без постигнат договор….Аналитичарите исто така оценуваат дека со посетата на Русија, Северна Кореја сака да покаже дека има моќни сојузници, откако пропаднаа преговорите со САД, за што Пјонгјанг го обвини државниот секретар Мајк Помпео и побара тој да биде тргнат.

Advertisement