
Светскиот Македонски Конгрес ја поздравува согласноста од денешната средба на министрите за внатрешни работи на Македонија и Албанија, Панче Тошковски и Албана Кочиу за 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште (Македонија) – Требиште (Албанија), склучување на Договор за основање и функционирање на Центар за полициска и царинска соработка меѓу Македонија и Албанија, и работа на заеднички македонско-албански премини (One Stop Shop – систем) како систем на поефикасна гранична контрола која патниците и стоката ја минуваат со една контрола наместо две.
СМК смета дека 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште (Македонија) – Требиште (Албанија) е долгогодишно барање на Македонците од двете страни на границата, наместо досегашниот режим на работа на граничниот премин – во летниот период до 8 часот, а во зимскиот период до 18 часот.
СМК верува дека 24-часовна работа на граничниот премин Џепиште (Македонија) – Требиште (Албанија) ќе им овозможи на граѓаните од двете страни на границата да имаат подобра комуникација и да остваруваат поголем број на услуги од едната и од другата страна на границата што ќе ја продлабочи досегашната одлична билатерална соработка којашто ќе се покрене на повисоко и подобро ниво.
One Stop Shop – системот овозможува побрз транспорт, трговија и туризам, трансформирајќи ја границата во мост за соработка: Се елиминира потребата од две одделни контроли во две различни држави; Се овозможува едно застанување наместо две, што значително го намалува времето на чекање на граничните премини; Се овозможува подобра соработка меѓу граничните служби; Се зголемува ефикасноста во трговијата и транспортот, што придонесува за погоилема регионална поврзаност.
Заеднички гранични премини (One Stop Shop – систем) во Македонија се граничните премини Долно Блаце (Македонија) – Елез Хан (Косово) и Табановце (Македонија) – Прешево (Србија).
Македонија има воспоставено четири заеднички контакт центри – на Деве Баир со Република Бугарија, Ќафасан со Република Албанија, Блаце со Република Косово и Табановце со Република Србија, коишто секојдневно ја остваруваат својата основна функција за размена на информации, испраќање пораки за рано предупредување и координација во борбата против прекуграничниот криминал, – стои во соопштението на Светскиот Македонски Конгрес.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden