Светскиот Македонски Конгрес ја поздравува иницијативата за прогласување на дел од Шар планина за национален парк

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја поздравува иницијативата за прогласување на дел од Шар планина за национален парк, која во Владата е актуелна од 1994 година, меѓутоа поради отпор на месното население а за бесправна сеча на шумскиот фонд, не е реализирана.

СМК потсетува дека досега повеќепати иницираше донесување на Закон за прогласување на дел од Шар планина за национален парк до надлежното министерство за животна средина и просторно планирање, Владата и Собранието уште во 1999 и 2003 година, како и иницијативата за собирање 10.000 потписи на избирачи како овластени предлагачи на овој закон во собраниска процедура во 2000 година.

СМК очекува, во согласност со уставната грижа за посебна заштита на природните богатства и растителниот и животинскиот свет како добра од општ интерес, а врз основа на Законот за заштита на природните реткости и Законот за заштита на националните паркови, Собранието да донесе Закон за прогласување на Шар планина за национален парк, кој опфаќа дел од општините Вратница, Теарце, Џепчиште, Тетово, Шипковица, Камењане, Боговиње, Неготино, Врапчиште, Вруток и Маврови Анови, по должината на границата на крајните југозападни делови на Косово и крајните северозападни делови на Република Македонија со површина од 51.858 хектари.

Независно од амбициите на Владата за членство во Европската Унија, државата мора итно и безусловно да создаде законски услови за заштита на природните богатства на Шар планина.

СМК смета дека со прогласувањето на националниот парк Шар Планина ќе се овозможи: заштита на растителниот и животинскиот свет; регулирање на условите и начинот на користење, собирање и ставање во промет на растителните и животинските видови; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите или промени на природните убавини и основните карактеристики на природната средина; создавање на поповолни услови за научни истражувања и за зачувување и унапредување на шумите и биодиверзитетот, изворите, водотеците, езерата, геолошките, геоморфолошките и другите природни реткости, како и рационално користење на просторот за одмор и рекреација.

Истовремено, СМК алармира надлежните да преземат решителни санкции кон дрвокрадците кои безмилосно, како и годините наназад, годишно сечат илјадници кубни метри дрва, со тешка механизација ги прошируваат уништените шумски предели за пробивање на диви патишта и прават пустош врз шумскиот фонд на Шар планина.

СМК предупредува дека на просторот на Шар Планина одамна се присутни и: неконтролираното собирање на растителни видови, меѓу кои има и такви кои се со ендемски и реликтен карактер; неконтролираниот лов; изградбата на објекти без одобрение за градба; недозволените хидро-технички зафати на некои од глацијалните езера; и депонирањето на отпад на безброј недозволени места.

СМК ја повикува Владата да ја забрани изградбата на објекти на подрачјето на Шар планина и под итно да донесе Просторен план за планираниот национален парк Шар планина.

СМК смета дека со донесувањето на Законот за прогласување на Шар планина за национален парк на најдобар начин ќе се оствари заштитата, уредувањето и користењето на сите природни, естетски, куриозитетни и рекреативни потенцијали на Шар Планина.

Шар планина изобилува со површински водотеци што ја чинат за “најводна” планина со мошне сложен геолошки состав и една од најголемите и вертикално најизразени планински масиви на Балканскиот Полуостров, долга околу 80 км, широка од 10 до 30 км, од која се издигнуваат голем број на врвови: Луботен (2586 м), Езерски Врв (2386 м), Црни Врв (2585 м), Кобилица (2528 м), Караниколица (2409), Челепенски Врв (2554 м), Рудока (2658 м), Враца (2582 м) и многу други, меѓу кои највисок е Титов Врв (2747 м), меѓусебно раздвоени со високи преслапи од кои 26 се преодни, со височина од 2040 до 2480 метри.

Шар планина е богата со разновидни хидрографски појави на брзи и бистри водотеци, меѓу нив најголемата река Пена (36,8 км) со речен слив од 191.6 км, потоа Маздрача (24,3 км), Лешочка Река (14,5 м) и други.

На Шар Планина има вкупно 39 глацијални езера од кои 25 се постојани а 14 повремени. Од нив 27 се во Македонија (19 постојани и 8 повремени) на надморска висина од 1936 до 2330 метри.

Шар планина претставува еден од вкупно шесте центри на европскиот еколошки и биолошки диверзитет, по своето флористичко, фаунистичко, екосистемско и генетско богатство.

На Шар Планина има мошне атрактивни локалитети, како што се Попова Шапка на надморска висина од 1750 м со извонредни скијачки терени, Јелак, Лешница, Љуботен, Брустовац и други.

СМК потсетува дека на северозападната страна на Шар Планина се наоѓа националниот парк Шара на Косово, прогласен во 1986 година на површина од 39.000 хектари!

Advertisement