Светскиот Македонски Конгрес: Македонија никогаш не била грчка

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) со индигнација ја отфрла изјавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Солун дека во преговорите “Не одиме за да го дадеме името Македонија, туку одиме да земеме назад нешто што е дадено пред 70 години“ и дека “името без одредница упатува на античкиот грчки свет и на големото културно наследство на грчката Македонија!“

СМК потсетува дека Македонија никогаш не била грчка, до 1821 година Грција не постои како држава, а до 1912 година е под Олимп! Грција за првпат во својата историја ја окупира Македонија во Балканските војни 1912-1913 година и оттогаш врши геноцид врз Македонците којшто континуирано трае до денес! Не е до името, туку во окупацијата и геноцидот! Атина мора да се извини за сите историски и општествени неправди кон Македонскиот народ и да плати репарации за окупацијата и геноцидот!

СМК ја потсетува Владата дека прашањето за името е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонците, по род и државјанство, во апсолутно мнозинство гласаа за “САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки, а одлуката на референдум по Устав е задолжителна за сите, без исклучок!

СМК ја потсетува Владата дека името на државата и идентитетот на нацијата не се технички прашања за коишто решава Организацијата на Обединетите Нации, бидејќи таа нема надлежност за име на држава, народ и јазик! Име на регион или град нема, ниту креира правни обврски или забрани за имe на држава, бидејќи државата е меѓународно-правно лице (субјект), а регион и град не е субјект на меѓународното јавно право, ниту државите имаат ексклузивни права на име!

СМК ги повторува шесте принципи во меѓународното право релевантни за името на државата и идентитетот на нацијата:

(1) Државите немаат ексклузивни права на државните имиња;

2) Државните имиња не влијаат на територијалните права и обврски;

(3) За името на државата, не е релевантна историјата или наследството;

(4) Спорови меѓу државите за државни имиња не постојат;

(5) Државното име не може да се: украде, фалсификува или наметне, како што не може ниту да се одземе (од Обединетите Нации) или да се преформулира;

(6) Правото на поседување правен идентитет на државата и самоопределување на народот е jus cogens норма на внатрешното уставно-правно уредување, името не е предмет на било какво надворешно уредување или мешање!

Македонците во Републиката и во светот во апсолутно мнозинство отфрлаат пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на историјата, културата и јазикот на Македонскиот народ. ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

СМК и натаму бара, Претседателот на Републиката да огласи безусловен крај на разговорите за разликата за името на државата и за тоа со нота да го извести Генералниот Секретар, а до Генералното Собрание да достави Резолуција за продолжување на членството во Обединетите Нации под единствено државното име Македонија со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик на англиски јазик Macedonian people и Macedonian language, независно од историските хипотеки на Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ што се’ уште траат до денес!

СМК ги охрабрува претседателите на Македонија и Грција да потпишат заедничка Декларација за историско македонско-грчко помирување во којашто двете страни:

(1) заедничката граница ја сметаат за неповредлива,

(2) се откажуваат од територијални претензии,

(3) потврдуваат дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации.

СМК ги повикува претседателите на Македонија и Грција да склучат Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија Грција, врз принципот на еднаква сувереност, што ќе ја замени Времената согласност од 13 септември 1995 година!

Advertisement