Светскиот Македонски Конгрес најостро ја осудува изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува изјавата на бугарскиот министер за одбрана и потпретседател на владата, Красимир Каракачанов и нему сличните, дека “Македонците се идеолошка шизофренија создадена во Титова Југославија заради уништување на бугарската кауза и свест во Македонија“. Македонците се суверена нација со милениумска генеза и традиција! Корените на Македонците не се во Татарстан, Кина и Монголија, туку во светата земја мајка Македонија, во континуитет од пред новата ера до денес!

Независно од велепредавството на државата и нацијата од страна на марионетската влада на Зоран Заев, македонското име и идентитет ќе се вратат во внатрешниот и меѓународниот правен промет со раскинување на Спогодбата Димитров-Когиас од 17 јуни 2018 година и нејзино прогласување за ништовна заедно со уставните амандмани од 11 јануари 2019 година! Македонија е самостојна држава, Македонците се суверена нација, Македонија е одржлива демократија, Македонците се посветена нација и таа историја и вистина повеќе никој и никогаш не ќе може да ги смени!

СМК потсетува дека токму бугарската нација е производ на руската проекција “Санстефанска Бугарија“ од 3 март 1878 година заради излез на Русија на Егејското Море преку Кавала и Солун и на Медитеранот, во чии рамки билa и Македонија, но само три месеци на хартија од 3 март 1878 година до Берлинскиот Конгрес од 13 јуни – 13 јули 1878 година на којшто се врши ревизија на Санстефанскиот мировен договор меѓу Царска Русија и Отоманската Империја.

Антируската хистерија на Софија денес, поради членството на Бугарија во Европската Унија и НАТО, заборавајќи на бугарското вековно коленичење пред портите на Москва и во времето на комунизмот и Варшавскиот Пакт, не ја менува историјата и вистината дека: (1) Бугарската нација е производ на руската проекција “Санстефанска Бугарија“ од 3 март 1878 година; (2) Бугарија изврши геноцид врз Македонците во Балканските војни, Првата и Втората Светска Војна; (3) Бугарија беше сојузник на нацистичка Германија; (4) Русите ја ослободија Бугарија од фашизмот; (5) Бугарија изврши депортација на Евреите од Македонија во концентрационите логори во Полска за време на Втората Светска Војна!

СМК ги отфрла бугарските територијални претензии кон Македонија и антимакедонската хистерија и агресија на Софија кон Македонскиот народ во целина!

Македонија и Бугарија не се Кипар и Грција, или Австрија и Германија како што вели Красимир Кракачанов, ниту Македонија се оттргна од прегратките на Белград за да седне во скутот на Софија, туку да продолжи како суверена и самостојна држава! Иако основата на Бугарија е Македонија, а основата на бугарскиот демос е македонскиот етнос, Македонците не се против постоењето на бугарската нација и на современиот литературен бугарски јазик кодифициран од македонските дијалекти во Егејскиот дел на Македонија! Македонците отфрлаат ревизија на македонската историја според интересите на Атина и Софија!

Постоењето на Македонија и Македонците не зависат од признавањето на Софија, како што постоењето на Бугарија и Бугарите како политичка нација не зависат од признавањето на Македонија! Светот ниту започнува, а историјата ниту завршува во Стразбур, Брисел и Софија. Македонија преферира соработка со сите врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност: взаемно разбирање и почитување, соработка по сите праша од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи!

И покрај окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ во Балканските војни 1912-1913 година, Македонците сметаат, дека македонската култура и историја не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации! И после се’, Македонците предлагаат историско македонско-бугарско помирување и Договор меѓу Македонија и Бугарија за траен мир и добрососедство. Македонците бараат извинување и репарации од Софија за историските и општествените неправди и злосторства на Бугарија кон Македонците и Македонија!

Иако по меѓународно право владите ги признаваат државите, а не народите и јазиците, никогаш не треба да се заборави дека народот и јазикот се лична карта на суверенитетот на нациите, Софија мора да се придржува на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност! Бугарија врши флагрантно кршење на овој принцип во сите сегменти: не го признава македонскиот етнос и македонскиот јазик, уценува за членство во ЕУ и НАТО со ревизија на македонската историја грубо мешајќи се во внатрешните работи и суверенитетот на државата Македонија, и бара права за “бугари“ во Македонија, но ги суспендира сите човекови и граѓански права и слободи на Македонците во Бугарија и во целиот свет, што е неприфатливо и претставува поткопување на македонско-бугарските билатерални односи.