Светскиот Македонски Конгрес најостро ја осудува одлуката на Апелациониот суд во Благоевград за забрана на Здружението на Македонците

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува одлуката на Апелациониот суд во Благоевград за забрана на Здружението на Македонците регистрирано под името “Граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права“, а по барање на Окружното јавно обвинителство во Благоевград заради “кршење на Уставот на Република Бугарија“.

СМК смета дека одлуката на Окружниот суд во Благоевград е во спротивност со меѓународното право за заштита на правата на националните малцинства, бидејќи забраната е со образложение “Здружението ќе ги заштитува правата на Македонците кои за Бугарија не постојат!“

СМК ја отфрла одлуката на Окружниот суд во Благоевград поради неоснованоста на образложението дека “постоењето на Македонците го нарушува територијалниот интегритет на Република Бугарија и единството на бугарската нација.“

СМК потсетува дека Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човекови права како непрофитно здружение е формирано на 21 август 2019 година во Благоевград и регистрирано од Агенцијата за регистрација. Основна цел на Здружението е “заштита на човековите права на Македонците и другите етнички малцинства во Бугарија“. По барање на Окружното јавно обвинителство, Апелациониот суд во Благоевград ја избриша неговата регистрација.

СМК бара Македонската влада да упати протесна нота до Владата во Софија заради забрана на дејноста на македонското здружение во Благоевград, бидејќи тоа ги нарушува добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија и ги загрозува основните човекови и граѓански права и слободи на Македонците во Република Бугарија!

Се’ додека за Софија Македонците се Бугари, Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик, а Македонија е дел од Бугарија, се’ додека руската креација “Санстефанска Бугарија од 1878 година“ која никогаш не постоела е неизживеана романса за Софија со отворени територијални претензии кон државата Македонија, не може да постои добрососедство меѓу двата народи и двете држави, а Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година е велепредавство на државата Македонија и Македонската нација!

Advertisement