
Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува репресијата на Владата во Софија против Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, во таа смисла заканите за приведување на Атанас Кирјаков од Благоевград, активист на забранетата Омо Илинден, на 17 август 2020 година во 10 часот да се јави во 6-та Реонска Управа на МВР во Софија, во спротивност ќе плати казна од 100 лева и ќе биде полициски приведен, наводно како сведок во управна постапка ДП 3216/2017 во 6-от Регионален суд во Софија.
СМК потсетува дека Атанас Кирјаков на последните локални избори одржани на 27 октомври 2019 година, беше кандидат за градоначалник на Благоевград од “Движењето заедно за промени“.
СМК потсетува на изјавата на Атанас Кирјаков “Не можам да разберам како ме барале три години без да ме најдат, кога живеам во Благоевград. Јас тука работам, тука ги плаќам даноците и дури бев кандидат за градоначалник!“
СМК смета дека заканите за полициско приведување со распишана потерница се против барањето на Атанас Кирјаков за предвремени локални избори, на кои има намера повторно да се кандидира за градоначалник на Благоевград. Основни цели во неговата програма се: зајакнување на локалната самоуправа; производство на здрава храна; демографска рамнотежа; меѓуетничка и меѓуверска хармонија; враќање кон традиционалните вредности на семејството, обичаите, социјалниот и индивидуалниот морал.
СМК бара Владата во Софија да ги почитува правата и слободите на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија и во цела Бугарија и да престане со репресиите против нив како флагрантно кршење на европското и меѓународното право!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden