Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја осудува бугарската агресивна политика кон Македонците во Албанија за нивна асимилација

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упатува најостра критика на бугарската агресивна политика кон Македонците во Албанија во обидите за нивна асимилација, посебно после донесувањето на законот за националните малцинства во којшто Тирана го вброи непостоечкото “бугарско малцинство“ во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, под закана на Софија со вето врз преговорите на Албанија за членство во Европската Унија.

СМК за непријателска ја оценува дводневната посета на потпретседателот на Бугарија, Илијана Јотова, во село Шиштевец областа Гора општина Кукс во Северо-источна Албанија каде живеат чистокрвни Македонци.

За СМК, изјавата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека македонскиот јазик на Македонците во деветте горански села во Северо-источна Албанија, како и во Голо Брдо и Мала Преспа е дијалект на бугарскиот јазик со ветување за отворање училишта на бугарски јазик претставува геноцид врз македонците во Албанија и врз Македонскиот народ во целина.

СМК истовремено упатува остар демарш до сите досегашни влади на Македонија кои се откажаа од уставната обврска за грижа за унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија, а актуелната Влада се уште не реагира за притворот на градоначалникот Едмонд Темелко на единствено признаената македонска општина во Албанија, Пустец, како последица на договорот Заев-Борисов – стои во сопштението на Светскиот Македонски Конгрес (СМК).