Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упати честитки за изборот на новиот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) упати честитки за изборот на новиот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски.

Верувам ќе продолжите со мерки и активности за унапредување на положбата и правата на Македонците во општина Пустец и во Албанија, и ќе создавате услови за подобар живот и работа за Македонците во општината, – се вели во поздравната телеграма од претседателот на СМК Тодор Петров до градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски.

СМК упатува искрена благодарност до досегашниот градоначалник на општина Пустец Едмонд Темелко за се’ што стори за Македонците во општина Пустец и во Албанија, верувајќи дека и натаму ќе биде во акција со македонските работи во Албанија.

СМК смета дека Македонците во Албанија треба да ја консолидираат Македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) после поразот на неделните локални избори што се одржаа на 30 јуни.

Пали Колефски е Македонец, роден 1979 година во Пустец, а живее во Корча, оженет е и татко на две деца. Тој е дипломиран економист и вработен во Царинската испостава во Корча. На неделните локални избори беше кандидат на владеачката Социјалистика партија, која ја предводи изборната коалиција “Алијанса за европска Албанија“ во која учествуваат 24 политички партии.

Едмонд Темелко е Македонец, роден 1972 година во Пустец. Тој е дипломиран ветеринар, оженет и татко на две деца. За градоначалник е избран трипати на локалните избори во 2007, 2011 и 2015 година. Едмонд Темелко е претседател на Македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) е формирана на 30 октомври 2004 година во Тирана како прва Македонска партија во Албанија за грижа за положбата и правата на Македонците во Албанија. На 24 април 2009, по 4 години од основањето на партијата е одржан нејзиниот прв конгрес, а за нејзин прв претседател е избран Едмонд Темелко.

Advertisement