Светскиот Македонски Конгрес упатува искрени честитки по повод Националниот празник на Албанија

На денешен ден, на 28 ноември 1912 година, на големото народно собрание во Валона била прогласена независноста на Албанија од Отоманското Царство.

СМК очекува продлабочување на македонско-албанската соработка, во интерес на двете држави, Македонија и Албанија и двата народа, Македонскиот народ и Албанскиот народ.

СМК предлага македонско-албанско помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Албанија, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи! Тоа што за Албанците во Македонија, истото и за Македонците во Албанија!

СМК предлага македонската и албанската влада да склучат Договор за положбата и правата на Македонците во Албанија и положбата и правата на Албанците во Македонија.

СМК смета дека независно од разликите во читањето на историјата, Ѓорѓија Кастриот Искендер односно Ѓерѓ Кастриот Скендербеу е дел од историјата на Македонија и Албанија, треба да биде повод за мир и љубов меѓу Македонците и Албанците, а не повод за војна и омраза.

СМК бара Владата во Тирана да го елиминира бугарскиот хегемонизам во обидот за денационализација на Македонците во Албанија, бидејќи бугарско малцинство во Албанија нема, Македонците во Албанија не се Бугари!