Тензично по убиството на Кацифас во Албанија

Убиството на 35-годишниот Константинос Кацифас грк од албанија кој во понеделникот беше убиен во Албанија, под сè уште неразјаснети околности, фрли сенка на односите меѓу Тирана и Атина, оценува грчкиот весник „Катимерини”. По овој инцидент во селото Буларат, во близина на границата со Грција, официјалната Атина на албанскиот амбасадор во Грција му упати протесна нота, пишува весникот.

Грчките медиуми ја обвинија албанската полиција за „ладнокрвно убиство”, а непознати маскирани лица утрово фрлаа молотови коктели кон канцеларијата на една албанска туристичка организација во Атина. Сепак, Тирана ги отфрла обвиненијата наведувајќи дека Кацифас без причина пукал кон полициските службеници. Инцидентот се случи додека албанското село Буларат, каде што претежно живеат Грци, ја одбележуваше годишнината од влезот на Грција во Втората светска војна на 28 октомври 1940 година.

Албанските медиуми објавија дека Кацифас пукал од „калашников” кон албански полицајци кои го симнувале грчкото знамето, додека претставниците на грчките организации во Албанија сметаат дека „полицијата можела да го уапси, а не да го убие”. Албанските медиуми објавија дека Кацифас бил член на десничарската партија „Златна зора”. Тој е роден и израснат во Буларат, село што се наоѓа во Албанија на шест километри од границата со Грција.

Advertisement