Тензии во Тирана, Бериша насилно влегол во седиштето на Демократската партија

Попладнево во седиштето на албанската опозициска Демократска партија во Тирана дошло до тензии откако, историскиот лидер Сали Бериша со група приврзаници насилно влегле во просториите во кои актуелниот лидер на партијата Луљзим Баша одржувал средба со претставници на форумот на млади.

„Во еден момент имаше вербална пресметка меѓу двете страни, оние кои за лидер го признаваат актуелниот Баша и оние кои се за Бериша. Имаше навреди, омаловажувања и обвинувања, по што состојбата се смири. Приврзаниците на Бериша ги запоседнаа столчињата и почнаа седница во коридорот на зградата“, пренесува агенцијата Балкан веб.

Бериша, кој на 11 декември одржа Национално собрание на кое го разреши Баша од функцијата при влегувањето во партиското седиште рече дека договор со Баша во вакви услови нема да има.

„Во вакви услови договор со Баша нема. Тој мора да ги почитува одлуките донесени на легитимното собрание од 11 декември. Баша останува само обичен пратеник и член на парламентарната група“, рече Бериша придружуван од повеќе актуелни пратеници.

Националниот совет на партијата вчера му даде безрезервна подршка на Баша а одржаното собрание на Бериша го оцени како нелегитимно. Нетрпението меѓу двајцата политичари почна откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група по барање на американската амбасадорка Јури Ким поради прогласувањето персона нон грата од страна на САД на целото семејство Бериша.

Advertisement