Тодор Петров: Стоп на дезинформациите за референдум

 

Прво, за промена на границата (членот 74 од Уставот) и за членство во ЕУ и НАТО (членот 120 од Уставот) потребно е мнозинство (907.323) од вкупниот број запишани избирачи (1.814.644 според Избирачкиот список по ДИК на локалните избори 2017 година), а не мнозинство (453.662) од излезените, доколку гласаат најмалку мнозинство од запишаните (907.323)! Ова мнозинство е недостижно и невозможно! Со една петина (453.662) од вкупниот број државјани (2.464.266 по објава на ДИК споед податоци од Заводот за статистика) недозволиво и недопустливо е промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Второ, доколку Претседателот на Републиката не го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас (членот 75 од Уставот), Спогодбата и Законот за нејзина ратификација НЕ ПОСТОЈАТ, домино-ефектот тука завршува: нема референдум и нема измени на Уставот! Претседателот на Републиката може да не го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација и при првото и при повторно гласање во Собранието (членот 75 став 3 од Уставот)! Тоа е негово дискреционо право. При повторно гласање е должен, ама не мора, ако смета дека не се отстранети причините поради кои не го потпишал законот и при првото гласање во Собранието. Најсилно алиби му е гаранцијата на премиерот да го добие мандатот за состав на Влада од 17 мај 2017 година, дека “со одлуките што ќе се носат врз основа на владеење на правото, нема да ја доведе државата во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава“.

Со Спогодбата Димитров-Коѕиас, токму тоа се врши: Зоран Заев ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема Република Грција со трајни последици по унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултикултурноста на Република Македонија, уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија! На крајот на краиштата евро-атлантските интеграции не можат да бидат алиби за склучување на договори со кои се суспендира правото на самоопределување и самоидентификација, односно се врши грубо кршење на Уставот и законите и на меѓународното право! На сите што велат дека Претседателот на Републиката е должен при повторно гласање во Собранието да го потпише указот, па му се закануваат дека ако не го стори тоа наводно го крши Уставот (членот 87 од Уставот), дека ќе одговара, ќе му поднесат кривични пријави, се’ до закани за негова физичка ликвидација, треба да им биде јасно, дека се’ до правосилна одлука од надлежен орган, и за претседателот на Републиката важи презумпцијата на невиност!

Трето, Спогодбата Димитров-Коѕиас не може да се извршува се’ додека не влезе во сила Законот за нејзина ратификација објавен во “Службен весник“ под услов Претседателот на Републиката претходно да го потпишал указот за негово прогласување (членот 52 од Уставот)! Четврто, со Спогодбата Димитров-Коѕиас се врши флагрантно кршење на Уставот и законите на државата Македонија и на меѓународното право! Со Спогодбата се менува името, историјата, културата и јазикот на еден суверен народ – Македонскиот и се врши суспензија на основните права и слободи утврдени со меѓународното право!

И што е најважно: (1) Спогодбата не е потпишана во името на Репулика Македонија, името на државата Македонија никаде во неа не се спомнува, и (2) Спогодбата е потпишана од лице кое нема таква надлежност и овластување односно е без активна легитимација. Министер или премиер немаат надлежност и овластување да склучуваат ваков меѓународен договор. Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува Претседателот на Републиката (членот 119 од Уставот), бидејќи тој ја претставува државата дома и во светот (членот 79 став 1 од Уставот)! Дури и да е во согласност со Уставот и законите (а не е), бидејќи Претседателот на Републиката не е потписник на Спогодбата, само по основ на потписникот не смее да го потпише указот за прогласување на Законот за нејзина ратификација!

Поради сето ова, за Македонците во татковината и светот, Спогодбата е ништовна и претставува велепредавство на нацијата и државата, бидејќи ги менува името и идентитетот! ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата! Русија нема да не’ проголта, ако сега не влеземе во НАТО! Патем, Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси. Нам не ни треба членство во воени сојузи!

На 8 септември 1991 година Македонците, по род и државјанство, во апсолутно мнозинство гласаа “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки, одлуката на референдум по Устав е задолжителна за сите, без исклучок! Така треба и да остане! Активен мултилатерализам, од пријатели никогаш доста, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, без мешање во внатрешните работи и на реципроцитетна основа но, МАКЕДОНИЈА – СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА!

Никој погоре напишаното не може да го негира и побива, ниту по Устав, ниту по закон, ниту по меѓународното право! Претседателот на Републиката со свое мислење по законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас, треба да излезе заклучно со 27 јуни 2018 година (членот 38 став 2 од Законот за Собранието)! Господ напомош! Амин!

Advertisement