Традиционално на 7 мај ќе се одржи струшка литија (Еордија)

Со особена радост ве известуваме дека торжествената струшка литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, оваа година ќе биде збогатена и со благословот на Сепречистата Владичица наша Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од Манастирот Пречиста Кичевска, носена од четворица кичевчани. Традиционално, и овој пат, во храмот на Великомаченикот во Струга, на 07 мај, понеделник, со почеток во 16:00 ч. ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи молитвената Литија, која веќе прерасна во големо сенародно собитие. Во продолжение го поместуваме редоследот на Литијата, којашто ќе започне после вечерната богослужба во 17:00 ч:

На Литијата ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на својствен начин ќе го одбележи чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како символ на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на самата Литија ќе биде член од Бигорското братство, кој ќе го бие клепалото, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф. Од оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места, овој пат еден битолчанец и еден охриѓанец. Моштите ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.

Со цел да се запази редот на Литијата, оние што нема да можат да се вклучат во самата Литија заради мноштвото народ, пожелно е да му оддадат достојна почит на Светиот, стоејќи на обете страни на улицата и поздравувајќи ги моштите со фрлање на цвеќе, бидејќи тоа е еден соодветен начин достоинствено да се пречекаат моштите и така да се стекне благословот на Св. Георгиј, но и на Пресвета Богородица. По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма ќе настапи Ансамблот „Македонија“ – овој голем чувар на македонската народна музика и фолклор. Секој посетител што сака да земе молитвено учество во ова торжество е добредојден.