Центарот за информативна поддршка Нов Контакт – Македонија од Скопје донираше книги за македонската заедница во Нов Зеланд

 

Со цел негување и зачувување на македонскиот јазик, литература и култура, традиционални и историски вредности, зајакнување на врската со македонската дијаспора без разлика каде и да е во светот, Центарот за информативна поддршка Нов Контакт – Македонија од Скопје, донираше 100 книги за македонската заедница во Нов Зеланд. Книгите се од македонски автори, издадени од македонски издавачки куќи и опфаќаат најразлична возраст.

Донацијата содржи македонска литература и граматика, лектири од македонски автори, букварки, боенки за помладите, прирачници за правилен македонски говор, македонски приказни, речници за македонски и англиски јазик за најмладите, постери и сложувалки како помагала за полесно учење на македонската азбука, книги и романи за повозрасните, и друга литература корисна за македонското училиште во Нов Зеланд.

Донацијата се реализираше со активност на Секцијата на млади во Центарот за информативна поддршка Нов Контакт – Македонија, како и со поддршка на нашиот соработник и донатор г-дин Александар Пасков, кој 40 години живее во Швајцарија. Таа се одвиваше под менторство на д-р Златко Николоски – Претседател на Центарот за информативна поддршка Нов Контакт – Македонија, а во соработка со преставникот на Заедницата на Македонци во Нов Зеланд г-дин Сион Ставровски, со кого развиваме и други проекти од интерес за зајакнување на врската со Македонија и македонската дијаспора во Нов Зеланд.