Централниот Совет на Македонците во Германија најостро ги отфрла изјавите на грчкиот пратеник Андреас Ворилас дадени во грчкиот парламент

Централниот Совет на Македонците во Германија најостро ги отфрла изјавите на грчкиот пратеник Андреас Ворилас дадени во грчкиот парламент.

Насочените напади кон македонски клуб „Илинден“ во Латцен, Хановер, кое е член на Централниот Совет, како и кон неговото училиште по мајчин јазик, претставуваат неоснована дискредитација и обид за заплашување на македонската заедница.

Недозволиво е во 21 век, во рамките на Европската Унија, сè уште да постојат политички изјави кои го негираат постоењето на еден народ, неговиот јазик и културен идентитет. Ваквите ставови не претставуваат легитимен политички дискурс, туку израз на застарени и спротивни на европските вредности политики, се вели во реакцијата.

Централниот Совет јасно истакнува: македонскиот идентитет е жива реалност – во Германија, во Грција и ширум светот. Тој не подлежи на политичко одобрување и не може да биде оспорен преку провокации или парламентарни изјави.

,,Особено остро се спротивставуваме на секој обид за дискредитација на образовната работа. Правото на нашите деца да го учат мајчиниот јазик и да го негуваат својот културен идентитет е основно човеково право и не смее да биде предмет на политички притисоци.

Воедно потсетуваме дека слични обиди во минатото немаа успех пред германските судови. Германскиот правен систем ја гарантира слободата на културно изразување и не дозволува негова злоупотреба за политички цели насочени против малцинства.

Сепак, овие случувања ги сфаќаме сериозно. Ваквите изјави не се насочени само кон поединечни здруженија, туку претставуваат закана за соживотот и културната разновидност во Европа”, се вели во реакцијата на Македонците во Германија.

Централниот Совет на Македонците во Германија ќе продолжи решително да се спротивставува на секоја форма на негирање, дискриминација и заплашување – политички, правно и општествено.

Нашата порака е јасна велат од ЦСМГ: Македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Нашиот јазик, култура и наследство се наши – и ќе ги чуваме и браниме со гордост.

Во Атина се уште има луѓе што бараат забрана на македонските етнички симболи во Македонија, Германија и светот.