Учениците Македонци во Србија покажаа колку умеат да читаат и да творат на македонски јазик

Младиот поет Филип Димкоски во рамките на својата есенска балканска турнеја ги промовира своите нови книги и одржува средби со читателите. Претходно одржа промоции на својата книга за деца „Заедно да растеме“ во Битола и во Штип, а по повод Светскиот ден на храната учествуваше на фестивалот на сочни фигури во СОУ „Наум Охридски“ во Скопје. По покана од истакнатиот српски поет Власта Цениќ, Филип Димкоски учествуваше на манифестацијата „Пишуваме и твориме на српски јазик“, која се одржа во тетовското село Лешок, а е во организација на КУД „Бранко Чајка“ од Тетово. Во Србија, пак, одржа работилница со децата во ОУ „Вељко Влаховиќ“ во Нови Сад, кои учат македонски јазик, и низ креативни игри, заедно со наставничката Снежана Алексиќ Станојловиќ, одржа работилница нa темa „Здрaвa хрaнa“, како и претставување на книгата „Заедно да растеме“.

Потоа следуваше посета на местотo Јабука, во близината на Панчево, каде што Димкоски го посети ОУ „Гоце Делчев“, во кое веќе седум години се учи предметот Македонски јазик со елементи на националната култура, а предава наставничката Лилјана Лазареска. Филип Димкоски е прв автор од Македонија што ги посети овие ученици, одржа час со нив и им подари книги од македонски автори и свои дела. Сето тоа беше регистрирано од екипата на емисијата „Македонско сонце“ и РТВ Војводина. Истата екипа сними и интервју со авторот.

Голем впечаток ми остави срдечниот прием од наставничката Лилјана Лазареска, учениците и од директорот на училиштето. „Вие сте прв автор што дошол да нѐ посети“, ми рече наставничката Лазареска, која со многу ангажман и во образованието и во новинарството и преведувањето, придонесува за зачувување на македонскиот јазик меѓу неговите говорители во Србија. Ѝ одговорив дека сум почестен, ама и малку тажен и чувствувам некоја одговорност. Убаво е сето тоа што сум прв и што можам да го истакнам тоа, ама, од друга страна, жал ми е што седум години никој не го сторил тоа. Но, добро, мора да се почне од некаде. За сѐ има првпат. Но оваа средба немаше да се одржи да не беше м-р Снежана Алексиќ Станојловиќ, која го воспостави контактот меѓу мене и домаќините – вели Димкоски.

На часот по македонски јазик тој ја претстави книгата „Заедно да растеме“ низ песни посветени на овошјето и зеленчукот. Учениците ми покажаа колку умеат да читаат, да слушаат, да пеат, да творат на македонски јазик. А знаете ли што добив од нив? Едно гооолемо, зелено и сочно јаболко. Значи, малите граѓани на Јабука, симболично ми подарија јаболко оти нивното место носи име како и овошјето. Но ми подарија и насмевки, и внимание, и знаење. Цртавме кошница со овошје, кажувавме и споредувавме кое овошје и кој зеленчук како се викаат на македонски а како на српски, низ прашања повторивме за националните елементи и за основата на македонскиот јазик. На крајот си запеавме и си ветивме повторна средба. Јас како гостин, а нели на гости со празни раце не се оди, на дечињата и на нивната наставничка им однесов дваесетина книги од македонските автори Вера Андон, Саво Костадиновски, Татјана Гогоска и други, а најактивните ученици ја добија на подарок, со потпис од авторот, книгата „Заедно да растеме“ – ни откри неуморниот Филип Димкоски.

Неговото патување продолжи на Меѓународниот саем на книгите во Белград, каде што Филип присуствуваше на две промоции на книги, и тоа на „Тревките во тревата“ од Снежана Алексиќ Станојловиќ, книга на која Димкоски се јавува како еден од рецензентите, а на промоцијата на книгата за деца препеана на српски „Првата љубов голема, а ние мали“ од Вера Андон, тој интерпретира одбрани стихови од книгата.
Активностите во Србија, Димкоски ги заврши со телевизиско гостување во градот Зрењанин. Во продолжение на турнејата следува промоција на книгата „Во градината има само љубов“ и учество на меѓународниот поетски фестивал „Денови на пријатели на книгите“ во Риека, Хрватска, а турнејата ја завршува со книжевна вечер во Љубљана, Словенија./www.novamakedonija.com.mk

Advertisement