Унгарија: ЕУ не би требало да ги уценува државите од Западен Балкан

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто кажа денес во Бања Лука дека неговата влада сака да поттикне процес на побрза интеграција на Западен Балкан во Европската Унија бидејќи на Унијата ѝ е потребна „нова енергија“ која регионот може да ја донесе.

Сијарто мораше да ја смени програмата на работната посета на Босна и Херцеговина бидејќи маглата во Сараево го оневозможи слетувањето на неговиот авион во главниот град на БиХ во утринските часови, па наместо тоа прво замина во Бања Лука каде се сретна со претседателот на Република Српска Милорад Додик.

„Во интерес на ЕУ и Западен Балкан е процесот на интегрирање на регионот во Унијата да забрза“, кажа по средбата со Додик шефот на унгарската дипломатија и притоа се заложи претставниците на ЕУ „со почит“ да разговараат со политичарите од Западен Балкан.

Кажа дека е нужно ЕУ да ги почитува ставовите на балканските политичари и властите во нивните држави, како резултат на изборите кои се спроведуваат.

Сијарто смета дека „ЕУ не треба да ги уценува“ државите од Балканот па Будимпешта, како што најави, ќе продолжи да се противи на воведувањето санкции против кој било политичар од Балканот или ускратувањето на финансиската поддршка од ЕУ.

Владата на Виктор Орбан е против придружувањето на ЕУ на санкциите на САД и Британија против Додик, кого Вашингтон и Лондон го оценија како закана за регионалниот мир и стабилноста.

Додик кажа дека Република Српска го цени пристапот кој Унгарија го има кон регионот и им се благодарни за тоа на властите во Будимпешта, како и дека сакаат приближување до ЕУ, но под услов да се почитува автономијата на ентитетите во БиХ.

„Сијарто одамна кажа дека треба да се разговара со нас, а не за нас“, кажа Додик опишувајќи ја Унгарија како „природен партнер“ од ЕУ во односите со Балканот, и повторно ја отфрли можноста РС да се согласи на членство на БиХ во НАТО.

Најави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан во март ќе ја посети Бања Лука и очекува дека тогаш со него ќе потпише нови договори за соработка.

Advertisement