Унгарскиот државен фонд и француска компанија го купија аеродромот во Будимпешта

Унгарскиот државен инвестициски фонд „Corvinus Zrt.“ и француската компанија за управување со инфраструктура „Vinci Airports“ објавија дека го купиле Меѓународниот аеродром „Фeрeнц Лист“ во Будимпешта од германската „AviAlliance“ и малцинските акционери за 3,1 милијарди евра.

Купувачите и групата доверители се договориле и за репрограмирање на преостанатиот износ на кредитниот долг на аеродромот во износ од 1,44 милијарди евра, се наведува во соопштението на унгарското Министерство за економија.

Мнозински сопственик на аеродромот во Будимпешта ќе биде унгарскиот државен фонд со удел од 80 отсто, а француската компанија ќе ги преземе останатите 20 отсто.

„Унгарската влада и францускиот коинвеститор-оператор ќе работат на тоа аеродромот во Будимпешта да стане еден од најдобрите аеродроми не само во регионот, туку и во светот“, се вели во соопштението за печатот од министерството.

Германската компанија во сопственост на канадскиот пензиски фонд „PSP Investment“ досега беше главен акционер со учество од 55,44 отсто. Подружницата на сингапурската компанија „GIC Special Investments Malton“ контролираше 23,33 отсто од акциите, а канадската „Caisse de dépôt et placement du Québec“ преостанатите 21,23 отсто.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во четвртокот изјави дека неговата влада „ги здружила силите“ со француска компанија за да ја зголемат вредноста на аеродромот на краток рок. Владата планира да вклучи инвеститори од Катар, но дефинитивно ќе го задржи мнозинскиот удел, нагласи Орбан.

Откако во 2010 година власта надмоќно ја освојува партијата Фидес на Виктор Орбан, Будимпешта го зголеми сопственичкиот удел во компаниите во енергетскиот, банкарскиот, телекомуникацискиот и медиумскиот сектор. Со години се планираше да го вратат аеродромот во Будимпешта во унгарска сопственост, забележува Reuters.

Advertisement