Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги обвини лидерите на ЕУ дека се однесуваат како „колонијалисти“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги обвини лидерите на ЕУ дека се однесуваат како „колонијалисти“ кога го критикуваат спорниот унгарски закон кој сметаат дека ги ограничува правата на ЛГБТ лицата во таа земја. Лидерите на Европската Унија го критикуваа Орбан поради тој закон на самитот во Брисел минатата недела, а холандскиот премиер Марк Руте кажа дека Унгарија треба или да ги поддржи вредностите на Унијата или да излезе од блокот.

Во изјавата за државното радио Орбан се спротивстави на повиците да го повлече законот кој забранува „изразување или промоција на хомосексуалноста“.

„Се однесуваат како колонијалисти. Сакаат да диктираат кои закони треба да се применуваат во друга земја, сакаат да ни кажуваат како да ги водиме нашите животи и како да се однесуваме“, кажа Орбан за своите критичари во ЕУ.

Тој истакна дека нивната критика е резултат на „лошите рефлекси предизвикани од нивното колонијално минато“. Парламентот на Унгарија кон средината на јуни го изгласа законот со кој се забранува промовирање на хомосексуалноста меѓу малолетниците.

Унгарската десничарска влада инсистира на тоа дека законот е потребен за да се обезбеди сексуалното образование на децата помлади од 18 години да биде единствено домен на родителите. Меѓутоа ЛГБТ активистите и високите европски функционери го осудија законот сметајќи дека ги стигматизира сексуалните малцинства и се обидува да го задуши разговорот за сексуалната ориентација.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела го нарече законот „срамен“ и ѝ испрати писмо на Унгарија барајќи од неа објаснување за влијанието на законот врз основните права. Шефовите на 17 земји од ЕУ потпишаа заедничко писмо во кое се осудува законот и ја повикаа Европската комисија да ја тужи Унгарија во Европскиот суд на правдата околу ова прашање.

Advertisement