Упадот во Конгресот е голем пропуст на безбедносните агенции на САД

Два дена по упадот во Конгресот на толпата подржувачи на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, се уште нема одговор како се случи таков безбедносен пропуст. Специјалната полиција на Капитол Хил, која е задолжена со безбедноста на Конгресот беше комплетно наподготвена, имајќи ја во предвид сериозноста на ситуацијата, и протестниот митинг кој беше закажан недели претходно. Различните групи кои го подржуваат Трамп отворено се договараа на социјалните мрежи што планираат да направат на 6 јануари, но очигледно ниту една од домашните безбедносни агенции не ги сфатила сериозно заканите.

Дивеењето во Конгресот траеше со часови додека одговорот на конгресната полиција во најмала рака беше некоординиран. Некои делови беа експресно затворени и бранети со огнено оружје, што беше случајот со застрелувањето на воздухопловниот ветеран Ешли Бабит, но во останатите демонстрантите без никаков отпор поминуваа покрај збунетите полицајци. Обвинувања има и за релативно малиот број уапсени ако се земе во предвид сериозноста на повредата на законите. Тоа предизвика споредби со одговорот на властите за време на протестите по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд минатата година.

Вкупно пет лица ги загубија животите во упадот во Когресот. Покрај Бабит, утрово на повредите здобиени од демонстрантите им подлега и полицаецот Брајан Сикник. Од останатите тројца загинати, двајца починале од срцеви удари, а околностите за третата жртва, 34 годишна жена се уште не се јасни./www.telma.com.mk

Advertisement