Успешна приказна на гинелоготот д-р Арта Војника од Дебар преку Скопје до ОАЕ

Дебранката, доктор Арта Војника, специјалист гинеколог, која и тука во Македонија важеше за успешен професионалец во својата струка, стана медицински директор на Специјалистички центар во Корфакан, Обединети Арапски Емирати. Ова е уште една потврда за вредните дебрани,кои, каде и да се раштркани низ светот ја потврдуваат нивната способност и пожртвуваност.

Центарот се наоѓа во Корфакан, град со над 40.000 жители распослан на дел од источниот брег на Емиратите, на Индиски Океан. Но, Центарот покрива поширока област со околу 100.000 жители. Гинеколошката клиника стартуваше во декември 2014 година ,со моето доаѓање, во склоп на постоечкиот Специјалистички центар. Сега имаме над четири илјади редовни гинеколошки пациенти, но бројот на оние кои сме им пружиле одредена услуга е многу поголем. Во институцијата континуирано се воведуваат иновации,следејќи ги современите медицински трендови,вели доктор Војника. Таа, посетувала многу симпозиуми и обуки. Меѓу другото завршила обука кај познатиот д-р Александар Бадер, претседател на европското здружение на естетски гинеколози, со што се стекнала со сертификат за изведување на инвазивни и неинвазивни естетски гинеколошки процедури.

Менаџерот на Центарот д-р Јусуф Алкалајлех преполн со пофални зборови за неа

Овдешните жени биле родени под среќна ѕвезда,што токму доктор Војника дојде во нашата клиника да се грижи за нивното здравје. Презадоволен сум од нејзиниот однос, грижа , професоналност. Вредна, амбициозна, пред сѐ човек со визија, чие лице секогаш го краси насмевка. Високиот степен на почит и доверба кои ги стекна д-р Војника меѓу пациентите го потврдува континуираниот раст на оние кои грижата за сопственото здравје и го доверуваат токму нејзе, вели Алкалајлех, кој добро го владее македонскиот јазик. Центарот под негово раководство функционира од 2003 година, а во негови рамки функционираат меѓу другото и стоматолошка клиника и клиника по општа пракса. Дел од својот живот тој го минал во Скопје каде што завршил Медицински факултет а работел и во други делови на поранешна Југославија. Тука формирал семејство со Марица со која има два сина, едниот живее во Скопје, другиот во ОАЕ. Често престојува во Скопје па при една посета,чија цел била да обезбеди гинеколог за клиниката го слушнал името на д-р Арта Војника. Се сретнав и разговарав со повеќе луѓе и кога веќе изгубив надеж дека ќе најдам вистински човек за тоа, неколку мои пријатели ми ја предложија доктор Арта, како докажан стручњак. Одлучив да се сретнам и да поразговараме. Од првиот миг, по кусиот разговор, бев убеден дека таа е човекот што го баравме и верувајте не зажалив за изборот, вели Алкалајлех, доктор специјалист ортодонт. Од тука,посочува, и мојата одлука за унапредување на д-р Арта Војника во медицински директор на нашата установа.Таа тоа го заслужи со својата досегашна работа и придонес не само во третирањето на пациентите, туку и во целокупната организација на работата на Центарот.

Арта, е родена во Дебар, средно медицинско училиште завршила во Скопје, каде дипломирала на Медицинскиот факултет а потоа и специјализирала. Десет години била дел од тимот на ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Како и многу мои колеги одлучив да заминам, иако искрено со тешко срце. Кога во декември 2014 година полетав од скопскиот аеродром, не ни сонував дека ќе наидам на една навистина прекрасна средина, љубезни луѓе, кои знаат да го ценат вложениот труд на лекарот. Секако, таму можностите за усовршување и унапредување во кариерата се поголеми, зашто се цени човекот и неговата стручност а не кој кому му е пријател, роднина или партиски послушник, додава Војника. Докторката не крие дека веќе се чувствува како меѓу своите, одлично прифатена во средната каде што живее и работи. На прашањето што ја прави среќна во слободното време, кое се помалку го има, вели дека сака да патува, добар одмор на убавите плажи,кус викенд до Дубаи… Вљубеник е во естремните спортови.

Веста за успехот на докторката, дебрани не ги изненадува,поаѓајќи од многуте случаи кои ги третирала во Скопје,но и фактот што потекнува од познато семејство чија главна одлика е хуманоста. -Мојот живот и животот на моето синче и го должиме на докторката Арта. Бев на работ на смртта кога во клиниката во Скопје ме префрлија од друга клиника.З а моја среќа Бог сакал да биде дежурна во ноќна смена. Само таа знае во каква состојба бев. Но, не спаси и двајцата. Затоа мојот син го носи името Арјет, со нескриени емоции се потсетува дебранката Флориана Цами-Делиши.

Докторката со Арјет Цами Д-р Арта е ќерка на покојниот Примариус доктор Јусуф Војника, еден од основоположниците на современата хирургија во Македонија. Според дебрани спасил илјадници животи, а под негово раководство се изградени објектите на Медицински центар – Дебар, сегашната Општа болница, па институцијата располага со услови за работа какви што ретко има во Македонија. Доктор Арта признава дека се гордее со своето потекло Љубовта кон медицината, генот за хуманост и спас на човечки живот,без оглед на националност,верска или друга припадност ја наследив од моите родителите. Татко ми Јусуф и мајка ми Марија со личен пример поставија цврсти темели врз кои јас, мојата сестра Лаура и брат ми Абдул, само се надоградуваме и придонесуваме, секој во својата средината во која живее. Доктор Арта Војника, најмалку двапати во годината доаѓа за да се сретне со нејзините блиски роднини, пријатели и колеги, но додава дека не жали за преземениот чекор. Планови за враќање во Македонија засега нема, но вели – Никогаш не се знае каде ќе те одведе животот./Вера Тодоровска

Advertisement