Васил Јанкула го заобиколи Охридското езеро со трицикл продолжува да ги урива сите бариери (ВИДЕО)

„Преспанскиот херој“, Васил Јанкула продолжува да ги урива сите бариери. По кој знае кој пат вчера повторно докажа дека буквално „Сите сме исти“, што е и негово животно мото. За само еден ден со својот трицикл,иако лице со церебрална парализа, тој го заобиколи Охридското езеро, тргнувајќи од Билјани извори, преку Струга, Ќафасан, Лин во Албанија, Поградец, Свети Наум, Пештани и повторно назад до Охрид. Околу 100 км. за само еден ден. Екипата на Инфо Компас го следеше од самиот негов почеток.

„Денеска со мојата екипа повторно ќе правам нов подвиг за заобиколување на Охридското езеро. Мојата цел е да не застануваме на едно место, туку да имаме постојано некои активности. Идејата за да го заобиколиме Охридското езеро дојде бидејќи ем уживаш во убавиниите во езерото, но во исто време и спортуваш, односно возиш велосипед. Секогаш ќе продолжам да возам под мотото „Сите сме исти“, истакна Васил Јанкула.

„Никогаш не се делиме, секогаш заедно одиме во новии победи. Се надевам дека ќе си поминиме многу убаво и дека Васил повторно ќе докаже дека е нашиот „Преспански херој“, односно дека „Сите сме исти“, рече пред почетокот на турата Никола Кузманоски, дел од тимот на Васил.

„За овој подвиг не правевме некои посебни физичкии подготовки, само се подготвувавме како да ги издржиме овие услови на 42 целзиусови степени. Возевме преку ден, секој ден, претежно околу 13 часот и јас мислам дека Васил е подготвен и дека повторно ќе докаже дека е вистинскии херој“, додаде Тони Ангеловски, тренер на Васил Јанкула.

Васил заедно со неговиот тренер Тони од Охрид тргнаа кон Струга возејќи по стариот пат. По патот правеа и мали паузи. За цело време Васил Јанкула беше пратен со возилото од тимот на „Преспанскиот херој“.

После неколку часови возење ја помина границата со Албанија. Таму веднаш ќе ве пречека познатиот декор на оваа земја, бункерите направени во времето на Енвер Хоџа. Од границата Васил и Тони двајцата тргнаа кон населеното место Лин кое се наоѓа покрај самото Охридско езеро.

Интересно е да се каже дека по целата должина на регионалниот пат кој оди веднаш покрај самото Охридско езеро од Лин до Поградец , во должина од околу 20 км. има осветлена патека за велосипедисти изградена според сите најсовремени стандарди.

Околу 1 часот „Преспанскиот херој“ приистигна во Поградец, каде ја направи првата поголема пауза.

Албанскиот град Поградец е сместен на јужната страна на Охридското езеро и се наоѓа на само 12 км. од Свети Наум или околу 20 минути возење од овој наш манастирски комплекс. Денес Поградец брои околу 30.000 илјади жители и претставува вистински урбан туристички центар. Километарски песочни плажи уредени со шанкови и лежалки, шеталишта, маркети, бутици, кафеани на секој чекор и се тоа по доста пристапни цени.

По паузата тие се упатија кон македонско албанската граница, на граничниот премин Свети Наум, а екипата на Инфо Компас во меѓувреме ги посети изворите Дрилон кои се наоѓаат во близина на Поградец.

Тука нивото на водата се менува во зависност од сезоната и во голема мера зависи од врнежите на дожд и снег. Водата во овие извори, заедно со тие кај Св. Наум, потекнува од Преспанското езеро. Изворите се препознатливи по кристално чистата вода и по мирниот тек на истита во плитко корито, опкружено со најразлична вегетација, се до вливот во Охридско езеро. Температурата варира од 11 до 15 степени целзиусови.

Паркот Дрилон е креиран да служи за релаксација, како и исполнување на желбите за забава на политичкото водство за време на диктатурата. Во срцето на Дрилон се вилите кои ги користеше диктаторот Енвер Хоџа за време на неговите одмори, денес познати како Арт вила. Комплексот на вили во тоа време бил познат под името „Вили на лидерите“.  Дел од нив сега се приспособени за туристичка намена.

„Преспанскиот херој“ го стигнавме кај Свети Наум од каде заедно со неговиот тренер се упатија кон Пештани, една главните точки на ова денешно патување. Во Пештани пристигнаа околу 20 часот и го посетија Даниел Нунески, лице со псоебни потреби, на кого Васил претходно му го подари неговиот стар велосипед. Пристигнувањето во Пештани беше помешано со многу емоции и возбуда.

„Дојдов кај мојот другар Даниел на кого му го подарив мојот стар точак, кој воопшто не е стар, но е потежок за разлиика од овој кој сега го возам. Му го донирав исто како што мене другите луѓе ми донираат други работи. Му порачувам да го користи колку што може повеќе точакот и се надевам дека сега Даниел со овој велосипед ќе постигне далеку поголеми успеси од моите. Се надевам дека еден ден ќе возиме и заедно. Инаку денеска малку беше тешко возењето поради жешкото време, и сами бевте сведоци, така што сега и оние кои се сомневаа дека возиме можат да се уверат во тоа“, истакна Васил Јанкула.

„Како тренер на Васил од мое лично име сакам на Даниел да му го подарам овој дрес и со тоа и официјално да стане дел од тимот на „Преспанскиот херој“. И со тоа да докажаме дека „Сите сме исти“, рече Тони Ангеловски, тренер на Васил.

„Веќе го возам велосипедот кој ми го подари Васил, возам тука во Пештани. Многу сум среќен. Ние „Сите сме исти“ и го поддржувам Васил да продолжи да го прави ова“, рече Даниел Нунески.

„И јас како дел од тимот на „Преспанскииот херој“ на Даниел сакам да му го подарам овој дрес и со тоа да бидеме повеќе луѓе кои ќе се борат да докажат дека „Сите сме исти“, истакна Никола Кузманоски, дел од тимот на Васил.

„Се чувствувам многу гордо и денеска решив и јас да присуствувам на маратонот и да му дадам поддршка на Васил. Навистина ова е чудо, да се поминат околу 100 км. на вакво жешко време. И мојата порака е сите што се со посебни потреби да го следат примерот на Васил и тие да прават уште поголемии подвизи и да не седат дома затворени, туку да го прават вакви работи како мојот син“, гордо изјаво Стерјо Јанкула, татко на Васил Јанкула.

Од Пештани Васил се упати кон Охрид од каде што и тргна. Тој вети дека за брзо време повторно ќе има голем ваков потфат, но не сакаше предвреме да открие каков. И повторно порача дека во општеството мора сите да бидеме исти, затоа што неговите дела го докажуваат тоа./www.infokompas.com.mk