Васил Стерјовски реизбран за претседател на МАЕИ

На денешниот, четврти Конгрес, на единствената македонска партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ , едногласно за лидер на партијата беше реизбран Васил Стерејовски.

Стерјовски е магистер по историски науки, претседател е и на друштвото „Сонце“, прв пратеник во албанскиот Парламент (16 мај 2019 до 9 септември 2021) кој јавно се декларира како Македонец и прв кој се обрати на македонски јазик во албанскиот законодавен дом. Моменто е професор на Универитетот во Корча.

Во своето обраќање Стерјовски порача дека на Македонците во Албанија им е потребна силна и авторитетна македонска партија, која ќе биде народна и демократска, ќе работи транспарентно, за права, слободи, правда, демократија и развој на Македонците и на сите граѓани на Република Албанија, како еднакви со еднаквите, еднакви права и слободи за сите.

-Ние сме Македонци. Нас не има многу, многу повеќе во цела Албанија отколку што не бројат во Мала Преспа. Македонците во Албанија не се само Мала Преспа, туку и во Врбник, Голо Брдо, Гора, Тирана, низ цела Албанија. Македонците во Албанија се вградени во историјата и културата на оваа земја. Ние сме лојални граѓани на оваа земја, затоа што и таа е наша татковина. Нашето единство не прави силни да одолееме на сите предизвици и негации од сите страни по сите основи, нагласи Стерјовски.

Се задржа и на престојниот попис на населението во Албанија, што ќе се спроведе во октромври, во кој, како што рече, мора „максимално да се вклучиме заради релевантно попишување на Македонците, имајќи ги предвид сите манипулации кои ги врши Владата во Софија и бугарската Амбасада во Тирана да покаже дека во Албанија Македонците се Бугари“.

-Најостро ги отфрламе обидите за денационализација на Македонците од страна на Бугарија. Нема да дозволиме, Македонците да бидат колатерална штета во евроатлантските интеграции на Албанија, под бугарски диктат, што Софија го прави со злоупотреба на ветото за членство на Албанија во Европската Унија. Во оваа борба, бараме помош и од Владата во Тирана и од Владата во Скопје, бидејќи тоа претставува грубо мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија, спротивно на меѓународното и домашното право, нагласи Стерјовски.

Според него „Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во македонско-албанските односи“.

Наша задача и натаму останува унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија, наша задача е унапредувањето на положбата и правата на сите етнички заедници во Албанија, а заедно со нив, во координација и соработка, да ја градиме државата Албанија. Бараме Договор за положбата и правата на Македонците во Република Албанија и на Албанците во Република Македонија, на реципроцитетна основа, нагласи тој.

Според него, Македонска алијанса „во соработка со организациите на малцинствата во Албанија мора да се избори за гарантирани квоти во Парламентот на Република Албанија за сите малцинства – Македонците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, Ромите и Бошњаците“

-Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија во сите степени на образование, во сите места каде што Македонците живеат, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик, право на културни и образовани установи за Македонците, посочи Стерјовски оценувајќи дека функцијата претседател на МАЕИ ја смета за одговорна функција која бара многу напор.

На највисокиот партиски собир, кој беше одржан во хотел „Грант Палас“ во Корча, под мотото “Македонците – нераскинлив дел од Албанија“, присуствуваа и македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Аце Сајковски и други гости од неколку соседни земји. МАЕИ во судскиот регистар во Тирана е запишана во јуни 2005 година а нејзин прв претседател беше Едмонд Темелко.

Advertisement